Воздухот зимава ќе биде отровен, надлежните да преземат мерки, а не да апелираат, бараат екологистите

Фото: Порталб.мк

На најсиромашните да им се обезбедат доволни количини евтино и сертифицирано дрво, да се исчистат оџаците, да се намали цената на струјата, да се затворат градилиштата…Граѓанските организации од земјава предлагаат конкретни мерки за институциите кои треба да помогнат во подобрување на квалитетот на воздухот во земјава. Почетокот на грејната сезона традиционално е периодот кога сите повторно стануваме свесни во колку загадени средини живееме, а годинава предизвикот е уште поголем.

Енергетската криза и активирањето на домашните капацитети за производство на електрична енергија од фосилни горива само ги влошуваат прогнозите за тоа каков воздух не очекува зимава. Министерот за животна средина Насер Нуредини неодамна апелираше до граѓаните да водат сметка какво гориво ќе користат за греење и да не ги затоплуваат домовите над 21 степен. Сепак, освен апели и препораки, во моментов од институцијата не предлагаат конкретни мерки.

Аријанит Џафери од „Еко Герила“ смета дека енергетската криза годинава ќе биде згодно оправдување за институциите за загадувањето на воздухот, иако сите знаеме дека ова е долгогодишен проблем кај нас. Најмногу, повторно ќе бидат погодени граѓаните, особено сиромашните и јасно ни е на сите дека со новите цени на струјата многу семејства ќе заборават на инверетерите и ќе се вратат на дрвото како енергенс, а не е исклучено и на уште полоши варијанти како прегорено масло, мебел, гуми…

„Иако објаснувањата за новите тарифи се дека само големите потрошувачи ќе плаќаат повеќе, јасно е дека во повисоките категории ќе влегуваат и домаќинствата кои се греат на струја. После толку кампањи за субвенционирање инвертери, ова е големо обесхрабрување и враќање назад. Заради тоа, како најкраткорочни и најитни мерки, неопходно е Владата за нив да обезбеди евтина струја, дури и по пониски цени од тие пред поскапувањето. За најсиромашните, пак, евтино сертифицирано дрво, бидејќи, иако знаеме дека тоа не е најдобрата опција, сепак е подобро отколку да користат гуми или пластика“, вели Џафери.

Државата е во длабока енергетска, но и финансиска криза. Загадувањето на воздухот секоја година не чини 135 милиони евра, што за Џафери е вистинскиот показател за институциите кога ќе одлучуваат за приоритетите, дали парите да ги потрошат за да обезбедат поквалитетно греење за граѓаните или пак истите или повеќе пари да дадат за лекување на болни од белодробни заболувања, карциноми и други болести предизвикани од загадување на воздухот.

За еколошките активисти фактот дека институциите само апелираат, а не преземаат конкретни мерки, значи дека немаат јасна идеја како да се справат со проблемот на аерозагадувањето, што зимава ќе биде неколкупати поголемо.

„За да не ни се случи истото и идната година властите мораат да се ослободат од бирократските процедури и навистина да им олеснат на сите кои можат да инвестираат во фотоволтаици и за себе да обезбедат струја“, апелира Џафери.

Акција за чистење нa оџаците и, доколку мора да се користат цврсти горива, да се со што е можно помал процент на влага, се итните краткорочни мерки кои би го намалиле загадувањето зимава, што ги предлагаат од Центарот за климатски промени. Од таму апелираат да им се помогне на најсиромашните и со минимални инвестиции на одредени критични места на нивните домови, за да се намали енергетската неефикасност.

„Првенствено треба да се работи на зголемување на бројот на корисници на централните системи за греење, но исто така и на одржливоста на градските топлани преку нивна постепена декарбонизација, со воведување на обновливи извори во греењето. Ваков проект веќе се имплементира во Србија“, вели Филип Стојановски од Центарот за климатски промени.

На подолг рок, сметаат во оваа граѓанска организација, потребно е да се намали и потребата од енергија за греење преку имплементација нa мерки зa енергетска ефикасност како поефикасни прозорци, изолација на надворешни ѕидови, користње на уреди за греење со повисока ефикасност и слично, но и постепено напуштање на фосилните горива како извор на топлинска енергија за греење. Многу поразвиени земји од нас веќе донесоа уредби со кои се одложува почетокот на грејната сезона за една седмица или се намалува за еден или два степени внатрешната температура во објектите, а кај нас надлежните засега само апелираат.

„Македонија уште од минатата година се соочува со енергетска криза и за жал ништо не преземавме за обезбедување поевтина електрична енергија од берза. Дополнително се доцни со ремонтот на блоковите во РЕК Битола, и сѐ уште е неизвесна набавката на гас за топланите Исток и Запад, а исто така нема никакви најави за инвестиции во енергетскиот сектор во догледно време“, вели Стојановски.

Инвестициите во енергетиката не смеат да се планираат ад хок туку плански и долгорочно, а состојбите навестуваат дека енергетската криза ќе се задржи и наредната година. Тоа за екологистите е знак дека државата мора итно да започне со планирање на соодветни мерки и активности.

Освен затоплувањето на домовите и деловните објекти, во загадувањето на воздухот учествуваат и транспортот и емисиите од индустриските капацитети, но и градежните активности, кои особено во Скопје ги има на секој чекор. Еколошките активисти од О2 Иницијатива сметаат дека на прашината од градилиштата не се обрнува многу внимание и апелираат зимава, како една од краткорочните мерки за контрола на загадувањето на воздухот, да се сопрат градежните работи.

„Јасно е дека во очи на зимата е доцна да се почнува да се размислува какви мерки да се преземат. Дека не чека криза беше јасно многу одамна, но инспекциските служби не се зајакнаа во меѓувреме. Има општини кои немаат ниту еден инспектор за животна средина, а и таму каде што има не се доволно“, посочуваат од О2 иницијатива и апелираат до граѓаните да бидат совесни и да внимаваат какво гориво користат за затоплување, пред сѐ заради нивното здравје, а и заради воздухот што сите го дишиме.