fbpx

Вонреден самит на НАТО во Брисел, учествува и претседателот на САД Џо Бајден

-

НАТО денеска го одржува вонредниот самит во Брисел, на којшто ќе учествува и американскиот претседател Џо Бајден. Пред Самитот, Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг рече дека земјите-членки се согласиле на распоредување на четири нови борбени групи во источното крило, односно во Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија. Овие четири борбени групи обично бројат по 1.000-1.500 војници.

Столтенберг изјави дека воените сили на НАТО ќе останат во земјите од Источна Европа онолку колку што е потребно. Зголемувањето на бројот на војници и опрема е превентивна мерка за да ја одвратат Русија од инвазија на било која земја-членка на Алијансата.

Според Столтенберг, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин направи голема грешка со воената инвазија на Украина.

„Претседателот Путин направи голема грешка, а тоа е да почне војна против една независна и суверена земја. Тој ги потцени силата на украинскиот народ, храброста на украинскиот народ и на нивните вооружени сили“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека евентуалната употреба на хемиско оружје во оваа војна значајно ќе ја смени природата на конфликтот и ќе значи експлицитно кршење на меѓународното право и ќе има големи и тешки последици.

„Сериозноста на употребата на хемиско оружје, се разбира, станува уште поочигледна знаејќи дека секогаш постои ризик од контаминација и можност за ширење на хемиски агенси и на териториите на НАТО“, додаде Генералниот секретар на Алијансата.

Од друга страна, Би-би-си пишува дека присуството на Бајден на вонредниот самит на НАТО претставува трето негово патување во Европа од моментот на преземање на претседателската функција во САД. Постојат пет предизвици за Бајден: да се покаже единство во рамките на НАТО, справувањето со бегалската криза, евентуалните воени решенија, патоказот за санкции кон Русија и прашањето за Кина во целиот конфликт со Украина.

Покрај на вонредниот самит на НАТО, американскиот претседател Џо Бајден планира да присуствува и на самитот на Европската Унија и на Групата седум најразвиени земји.

Инаку, пред почетокот на вонредниот самит на НАТО, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, којшто учествува на него, изјави дека Северна Македонија ја усогласила својата надворешна политика со ЕУ и ги донела сите одлуки со земјите-членки на НАТО и ЕУ за да се одврати Русија од ова што го прави во Украина. Воедно, донесени се сите потребни одлуки за нашата земја да ги прифати бегалците од Украина.

„Донесовме соодветни одлуки во поглед на зацврстување на источното крило и тоа секако дека ќе биде дискутирано на овој вонреден самит“, рече премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека сега е време кога народот од Украина има потреба од помош од демократскиот свет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 15 часот е 35,9 отсто, 7 отсто повеќе од 2019 година

До 15 часот на првиот круг на претседателските избори гласале 392.066 гласачи  од вкупно 1.092.341, односно 35,89 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Излезноста е повисока во споредба со процентот...