Водич за екоактивизам: Секој има должност да ја заштитува животната средина

Фото: Архива на Мета.мк

Како да ги искористиме македонските закони за да ја заштитиме животната средина, каква е улогата на граѓанскиот активизам и колку може секој поединец да придонесе за да живее во подобра околина, се насоките кои ги содржи публикацијата „Заедно ЗА природата: Водич за екоактивизам“ што ја објавија Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво. Водичот се фокусира на правните механизми за заштита на животната средина, екоактивизмот како граѓански ангажман, но и како да се создаваат кампањи за застапување на иницијативи од јавен интерес.

Секаде во светот, па и кај нас, владите, институциите или пак, компаниите се во позиција да донесуваат одлуки кои ги засегнуваат природата и природните богатства, како водите, шумите, почвите, планините, односно да проценуваат до колкав степен одреден дел од природата може да се користи.

Природата не може да каже ништо за значењето на тие одлуки, иако факт е дека економскиот интерес обично го надминува еколошкиот, дури и во области што се обележани како национални паркови или како области на светското наследство на УНЕСКО.

Заради тоа, во светот се отпочнати 369 иницијативи насочени кон доделување права на природата. Мнозинството од нив се успешни, па субјекти од природата или специфични видови на животни како синиот кит, големата панда, орангутанот и други, во моментов имаат законски права.

Во земјава, основите за обезбедување на правата за заштита на животната средина, покрај меѓународните конвенции со обврзувачка сила како Архуската и Бернската конвенција, се темелат на Уставот и законот за животна средина.

Кај нас постојат повеќе примери на граѓански активизам кои допринеле за позитивни промени во општеството преку искористување на правните средства во законите и меѓународните акти. Тоа се успехот на неколку македонски еколошки организации да ја сопрат изградбата на хидроелектраната „Црн Камен“, акумулацијата „Луково Поле“, хидроелектраната „Бошков мост“ и тужбата на градот Велес и еколошкото друштво „Вила Зора“ против државата, затоа што дозволила градот и неговите жители 30 години непречено да бидат труени од Топилницата, по што капацитетот конечно замина во историјата.

Прирачникот за екоактивизам потсетува и дека секој поединец има право на здрава животна средина, но и има должност да ја чува. Секој човек или граѓанска организација имаат право да побараат информации за животната средина врз основа на правото за пристап до јавни информации и мора да ги добијат во рок од еден месец.

Од друга страна, македонските закони дозволуваат и секој човек, фирма или организација кои трпат некаква еколошка штета заради нечие несовесно однесување, да го тужат предизвикувачот и да побараат надомест или враќање во првобитна положба.