Во Тетово се отвори изложба од дела на тематски стрип конкурс на национално ниво

Последниве 20 гoдини во Македонија е придвижен процес на своевидна стрип еволуција, видливоста на резултатите е се повеќе изразена, вели Томе Трајков-координатор на грантот и Стрип центар на Македонија-Велес

Фото: Стрипцентар на Македонија, Велес

Како дел од грантот „Аll we are saying is GIVE INCLUSION A CHANCE”, финансиран од страна на ОБСЕ-Мисија Скопје, на 21.06.2024 година во просториите на Уметничката галерија Тетово (стариот АМАМ) се отвори изложба од делата на тематскиот стрип конкурс на национално ниво.

Беа доделени дипломи и сертификати за учениците, менторите и училиштата од овој град, коишто беа вклучени во грантот.

Како што истакна Томе Трајков-координатор на грантот и Стрип центар на Македонија-Велес, масовноста прокламирана на конкурсот (263 пријавени ученици) како и посетата на изложбата во Тетово е доказ за исправноста на заложбата за соработка со училиштата, како и отворање на стрип јадра во секој град.

Фото: Стрипцентар на Македонија, Велес

„Последниве 20 гoдини во Македонија е придвижен процес на своевидна стрип еволуција, видливоста на резултатите е се повеќе изразена. Квантитетот раѓа
квалитет, но и потенцијална читачка публика којашто треба да се насочи кон националната стрип култура а тоа се секако домашните стрип автори и изданија“ рече Трајков.

Тој додаде дека заради насочување на јавноста и институциите кон домашниот стрип и можностите којшто истиот го нуди во социјалната сфера, во склоп на грантот „Аll we are saying is GIVE INCLUSION A CHANCE” ќе се организира пригоден стрип настан во Скопје, како државна метропола.Истиот ќе се изведе по завршувањето на летниот распуст.