Во супермаркети, пекари, сендвичарници – студентите од денеска купуваат оброк субвенциониран од државата

Впечатокот е дека на првиот ден од спроведувањето на мерката, плаќањето на повеќето места функционираше без проблем, а студентите кои ги активирале картичките можеа да купат храна во количини доволни за еден оброк во денот. Студентите, сепак, преферираат да им биде овозможено месечниот износ да го користат наеднаш

Илустрација: Мета.мк

Покрај стартот на новата академска година, денеска започна со примена и новиот систем на исплата на субвенционираниот студентски оброк. Студентите во земјава кои ги исполниле условите, од денеска па сè до крајот на јуни догодина, на располагање ќе имаат по 140 денари дневно – средства со кои државата преку Министерството за образование и наука (МОН) им покрива еден оброк во денот.

Овој износ ќе го добиваат од понеделник до сабота, освен на државни празници, а ќе им се слева на наменските картички кои за потребите на мерката ги изработи Шпаркасе банка – одговорна за платниот промет на субвенционираниот оброк.

Со средствата студентите веќе може да купуваат оброци кај трговци кои произведуваат или продаваат храна, односно од ресторани, пекари, сендвичарници и маркети кои располагаат и овозможуваат плаќање преку ПОС терминали, каде студентите плаќаат преку наменските банкарски картички.

Овие картички изработени од Шпаркасе банка и кои го содржат логото на Министерството за образование и наука (МОН) се единствен начин преку кој студентите ќе можат да ги искористат субвенциите за оброк.

Мета.мк со неколку студенти денеска го тестираше спроведувањето на мерката и функционирањето на наменските картички за оброк. Студентите со кои пазаревме одлучија средствата да ги искористат во маркет и во продавница во рамки на која функционираше и пекара.

Впечатокот е дека на првиот ден од спроведувањето на мерката, плаќањето на повеќето места функционираше без проблем, а студентите кои ги активираа картичките можеа да купат храна во количини доволни за еден оброк во денот.

140 денари + доплата во случај на повисок износ

Георгина е студентка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Со неа појдовме во еден од поголемите и подобро снабдени супермаркети во Скопје, каде, меѓу другото, се продаваше и готвена храна. Од понуденото на дневното мени, Георгина одбра варен ориз и стек, што ја чинеше 110 денари. Покрај ова, со преостанатиот дел од средствата одбра да купи пијалак – сок, што чинеше дополнителни 31 денар.

Со ова, вкупната сума на производите што ги одбра студентката на ФИНКИ изнесуваше 141 денар. Се упативме кон касата за наплата за да провериме дали ПОС терминалот ќе одобри сума повисока од дневниот лимит за еден денар. Плаќањето се покажа неуспешно, по што вработената во маркетот ја впиша сумата од 140 денари на апаратот, а Георгина го доплати преостанатиот еден денар во готовина.

„Нема никаков проблем, штом ви се дозволени 140 денари“, рече вработената во супермаркетот.

По излегувањето од маркетот, Георгина рече дека смета оти тоа што го купила е доволно за да ги задоволи нејзините потреби за јадење еден оброк.

„Како за почеток, според ова што го видов денес, задоволна сум. Мислам дека се доволни 140 денари за еден оброк, секако, освен ако не одиме да јадеме во ресторан каде храната е поскапа. Понатаму, ако има можност за зголемување на дневниот износ би било супер, но во секој случај, ако буџетот е тој, подобро е да имаме помалку средства, а повеќе студенти да ја користат мерката, наместо субвенциите да бидат повисоки, но да бидат опфатени помалку студенти“, рече Георгина.

Варен ориз, стек и Кока – кола во вкупен износ од 141 денар / фото: Мета.мк

Откако се разделивме со неа, се упативме кон договореното место каде требаше да се најдеме со уште двајца други студенти – сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“, а кои студираат на Машинскиот факултет и на ФИНКИ.

Во меѓувреме ги посетивме околните продавнички, пекари и сендвичарници околу „техничкиот кампус“ на УКИМ со цел да провериме дали тие нудат плаќање со ПОС терминал и колкав интерес покажале студентите на првиот ден од спроведувањето на мерката.

Во една помала сендвичара, вработената ни кажа дека плаќање со банкарска картичка во моментов не е возможно, но дека наскоро планираат да донесат ПОС терминал со оглед на воведувањето на субвенциите за студентски оброк и начинот на нивно користење. Покрај ова, најавија и посебно студентско мени, направено специјално за оваа мерка.

Во една од продавничките во близина на кампусот, а каде што се продаваше и готвена храна, но и печива, вработениот ни кажа дека од утрово имало голем интерес за искористување на картичките за оброк.

И тој повтори дека постои можност, доколку храната го чини студентот повеќе од 140 денари, тој да си го доплати остатокот.

Храна со новите картички можеше да се купи и од бифето на Машинскиот факултет, каде неколку студенти веќе јадеа во надворешниот дел.

Дел од менито во бифето на Машинскиот факултет, УКИМ / фото: Мета.мк

Субвенции за оброк без дневен лимит, бараат студентите

Со Павел и Марио – студентите од „Гоце“ се најдовме во близина на факултетот, а тие средствата решија да ги искористат во една од блиските продавници. Таму, покрај основните производи можеа да се најдат и печива, но и малку поздрави оброци, како пудинг од чиа.

Еден од нив купи ваков пудинг кој го чинеше околу 180 денари, при што ги искористи субвенциите и доплати 40 денари.

Другиот одбра печива и шише негазирана вода, што го чинеше вкупно 137 денари. И двајцата рекоа дека она што го одбрале за јадење може да се смета за доволно за еден оброк.

Сепак, сите студенти со кои пазаревме денеска се согласни дека „минус“ во спроведувањето на мерката е ограничувањето на дневниот лимит.

Според студентите, многу подобро би било доколку не постои дневен лимит, односно ако на располагање би ја имале целата месечна сума наеднаш, при што самите би одлучувале кога и како ќе ги користат средствата, со што во некои од деновите би можеле да купат и поскапи оброци.

„Единствено што би било подобро е доколку би можеле да ги искористиме сите пари наеднаш. На пример, во маркет да можеме да си испазариме за две-три илјади денари, па потоа да готвиме дома со тие производи“, рече еден од студентите со кои поразговаравме во кампусот на техничките факултети.

На анкетата споделена на Инстаграм страницата „Студентарија“, поголем дел од студентите одговорија дека денеска со картичките од МОН пазареле без проблем во повеќето маркети и продавници, а покрај храна, признаваа дека купувале и други производи од кои имале потреба. Дел од нив рекоа дека средствата од 140 денари ги искористиле за кафе и сок во ресторан или кафе-бар, а други информираа дека некои трговци веќе нудат студентски пакети до предвидената сума.

Неколку студенти споделија и оти наменските картички не им поминале на ПОС терминалите во некои маркети, а имаше и искуства каде трговци одбиле да прифатат плаќање со картичките за субвенциониран оброк.

Субвенционираниот студентски оброк од годинава конечно почна да се применува на начинот и во формата во која беше замислен во законот донесен во 2020 година, а создаден по примерот од Словенија.

Изминативе две академски години, поради вонредната ситуација наметната од ковид пандемијата, но и поради неподготвеноста на институциите, субвенциите за оброк студентите ги добиваа на нивните лични трансакциски сметки на месечно ниво и можеа да ги вадат и во готовина, па со нив, освен храна, купуваа и други добра.

Денеска е последен ден од третиот рок за аплицирање за субвенциониран студентски оброк на кој може да аплицираат и студентите во прва година – бруцошите. Деновиве се очекува Министерството за образование и наука да одговори на апликациите и на овие студенти со цел и тие што поскоро да почнат да го уживаат ова право.

Можноста за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите студенти кои досега поради какви било причини не го оствариле ова право, останува отворена секој нареден месец, од први до седми во месецот, а аплицирањето се спроведува преку порталот e-услуги на МОН.

Субвенциите за оброк до април годинава изнесуваа 120 денари дневно, по што државата ги зголеми на 140 денари, и најави дека износот ќе се менува согласно инфлациската стапка во календарската година.