Во сабота „Ден на бесплатни стрипови“ во Бункер

Стриповите ќе се делат според принципот „прв дојден, прв услужен“, а секој ќе може да подигне максимално два бесплатни стрипа

фото: Тхе Мичо / преземено со дозвола од Стрип книжарница Бункер

Оваа сабота во стрип книжарницата Бункер во Скопје ќе се одржи третиот по ред „Ден на бесплатни стрипови“.

Од Бункер ги повикаа сите издавачки куќи да земат учество во акцијата и информираа дека досега се обезбедени околу 700 бесплатни стрипови.

Акцијата започнува во 10 часот, а стриповите што се бесплатни ќе бидат јасно означени и лоцирани на главната маса кај касата, велат од Бункер, од каде најавија и големи попусти на сите останати производи.

Стриповите ќе се делат според принципот „прв дојден, прв услужен“, а секој ќе може да подигне максимално два бесплатни стрипа.

Од Бункер најавија дека наскоро ќе бидат објавени и слики со изданијата кои ќе може да се подигнат бесплатно.

Како и минатата година, така и оваа дел од стриповите ќе бидат подарувани и во продавницата на „Светот на Биби“ во Битола.