Во петок премиера на новиот експериментален филм од креативката Иванка Апостолова Баскар

Фото: Фејсбук профил на Иванка Апостолова Баскар

„THE PCR SONG“ е најновиот триптих експериментален филм кој го потпишува името на проф. др. Иванка Апостолова Баскар како креатор на филмот. Неговата премиера ќе биде на 5 ноември во 20:00 часот преку платформата YouTube. Апостолова Баскар се јавува како креатор, продуцент, режисер и визуелен драматург во своето најново дело.

Создавањето на видео театарскиот проект е инспирирано од изведбата „The Cold Song“ од King Arthur, семи опера од Henry Purcell и либерто од John Dryden. Во краткиот филм има само една улога: Димитрина Queen Arthur што ја толкува Димитрина Мицкоска. Снимен е на неколку локации низ Скопје, а продуциран од Македонскиот центар на „ИТИ/ПРОДУКЦИЈА“.

Билети за премиерата ќе можат да се набават преку посета на следниов линк. Филмот е поддржан од Град Скопје.

Иванка Апостолова Баскар е дипломиран професор и доктор по историска антропологија на факултетот за уметност и дизајн на сет/костим на Универзитетот во Љубљана, Словенија. Моментално живее во Скопје и работи како вонреден визитинг професор на факултетот за уметност и дизајн.

Нејзиниот последен експериментален филм; „Дестинација: Скопје-Гаврово“, кој е во ко-режија со Теа Беговска и е снимен минатата година, се здоби со маестрален успех на меѓународните фестивали за филм во Европа и светот. Победи на фестивалот за краток филм во Сингапур, на европскиот филмски фестивал во Обединетото Кралство ја доби титулата за најдобар експериментален филм, беше избран за финалист на римскиот фестивал за краток филм, како и финалист во категоријата најдобар експериментален филм на Сеулшкиот фестивал за краток филм (Јужна Кореја).

Краткиот филм доби Special Jury Award на Индо-Францускиот интернационален филмски фестивал. Признанија за учевство како најдобар експериментален филм има добиено и на Интернационалниот филмски фестивал во Индија, New Fort International Film Festival, и на Рошани Интернационален Филмски Фестивал. Филмот е во продукција на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА во соработка со SPAM Studios, Бугарија.

Сцена од „Дестинација: Скопје-Гаврово“, фото: лична архива на Иванка Апостолова Баскар

„Дестинација: Скопје-Гаврово“ последно беше дел од програмата на овогодинешното издание на КинеНова Филмски Фестивал. За сите оние кои го пропуштиле, повторно ќе биде прикажан на 16 ноември на ТВ 24 како дел од програмата на КинеНова која доби телевизиски репризен пренос.