Актуелниот ДУП во кој се вцртани три кули од по 60 ката

Инвеститорот МГ Фешн на вчерашната презентација на станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје“ информираше дека на парцелата 1.1 на паркингот спроти Холидеј Ин ќе градат три висококатници од 16, 20 и 22 ката, иако ДУП-от Голем Ринг јужен дел-исток им овозможува да изградат кула висока и до 60 ката. Актуелниот ДУП за оваа локација, која што опфаќа и дел од Ново маало, предвидува изградба на три висококатници од по 60 ката.

Покрај тоа што инвеститорот на парцелата 1.1 обелодени дека нема интерес да гради објект од 60 ката на неговата парцела, сепак во актуелниот ДУП на парцелите 1.2 и 1.3 е предвидено да се градат две други висококатници од по 60 ката кои би биле лоцирани на самиот булевар „Кочо Рацин“. Сепак, за разлика од паркингот на кој не се изградени објекти со повеќе сопственици на куќи, делот на другите две парцели од овој ДУП опфаќа десетици куќи, за чие рушење некој иден инвеститор би требало да ги обесштети постојните сопственици, со што достигнањето на висината на објекти од 60 ката и не би претставувала невозможна мисија.

Неколку граѓански организации, универзитетски професори, архитекти и медиуми вчера упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 за паркингот спроти хотелот Холидеј Ин, како и други ДУП-ови во Општина Центар што не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

Тие во барањето го повикуваат Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје, но и другите надлежни институции да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП. Во јавниот повик се потсетува дека двете линии на идниот брз автобуски систем – БРТ во Скопје се спојуваат токму на булеварот „Кочо Рацин“.

„Двете градски линии на БРТ се вкрстуваат токму покрај оваа четврт. Планирањето на
масовни системи за превоз мора да оди заедно со планирање на соодветен јавен простор којшто ќе акумулира луѓе, поради потребите за заштита и спасување, но и поради пријатноста во користење на јавниот простор. Со постоечкиот ДУП од 2012 г. оваа локација целосно ќе се заѕида и тоа не е во прилог на успех на проектот за БРТ“, ќе напишат архитектите, универзитетските професори и граѓанските организации во јавниот повик.

Инаку, ДУП-от Голем Ринг јужен дел-исток беше донесен во декември 2012 година од страна на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, иако овој план не е усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Веднаш по промената на власта, новото раководство со тогашниот градоначалник Андреј Жерновски ја почна расправата за промена на неколку урбанистички планови во центарот, но на 7 јуни 2013 година општинската седница на советот за поништување на ДУП-от „Мал Ринг“ беше прекината по опсадата на бараките на Општина Центар од стотина демонстранти и обидот за насилен упад, за којшто СЈО го подигна предметот Насилство или познат како „Шамарите на Жерновски“.

Дури на 22 март 2017 година, Советот на општина Центар ја одржа седницата прекината во јуни 2013 година и донесе одлука за поништување на четири урбанистички плана, меѓу кои беше и ДУП-от Голем Ринг јужен дел-исток. Сепак, Уставниот суд на крајот од јануари 2018 година ја поништи ваквата одлука на општинските советници од Центар, враќајќи го на сила повторно ДУП-от од 2012 година за локацијата спроти Холидеј Ин.

Советниците од општина Центар на 27 декември 2017 година го донесоа првичниот мораториум, со кој Деталните урбанистички планови (ДУП) кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (ГУП), прекинаа да се применуваат. Ваквите одлуки беа продолжувани од Советот на општина Центар во неколку наврати сè до 3 март 2021 година, кога Уставниот суд ја укина одлуката за забрана за градба и ги врати на сила старите ДУП-ови во Општина Центар.

Во периодот на мораториумот за градба, Општина Центар ја отпочна постапката за изработка на нов ДУП за Голем Ринг јужен дел-исток. Поради несогласувања со планерската куќа што го работеше новиот ДУП, општинските власти дури на средината на март годинава донесоа акт за раскинување на договорот за изработка на нов ДУП за просторот спроти Холидеј Ин, што значи дека Општина Центар сега ќе треба да распише нов тендер за избор на планерска куќа и одново да ја почне изработката на нов детален урбанистички план за оваа локација.