Постојниот ДУП за локалитетот спроти Холидеј ин

Неколку граѓански организации, универзитетски професори, архитекти и медиуми упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план ЦО8 за паркингот спроти хотелот Холидеј Ин, како и други ДУП-ови во Општина Центар што не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје.

Во барањето се повикуваат Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје, но и другите надлежни институции да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови коишто не се усогласени со ГУП.

„Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 започна заедно со планската програма која е сржта на планот и на вредностите на кои тој ќе се базира. Но за жал, програмата беше прекината и треба да стартува одново и според новиот Закон за урбанистичко планирање, Планерите мора да ги испочитуваат тие насоки. Потсетуваме дека Деталниот урбанистички план – Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“) за плански период 2012- 2017 беше ставен под т.н. „мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП“, се наведува во јавниот повик.

Граѓанските организации, архитектите и професорите сметаат дека локацијата спроти Холидеј Ин заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите, велат тие.

„Во сите претходни плански документации (почнувајќи од планот на Кензо Танге) оваа локација се именува како „Републички центар со републички плоштад“ и е препознаена како локалитет од државно значење. Бараме од Вас јавно да покажете дека не го поддржувате финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови“, се вели во јавниот повик упатен до премиерот Зоран Заев.

Тие наведуваат дека ќе побараат политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот доколку институциите на системот не преземат конкретни чекори.

„Очекуваме создавање на квалитетен јавен простор отворен кон реката, нов зелен републички плоштад кој со пешачкиот мост ќе се поврзе со платото пред црквата „Пресвета Богородица“, плоштад обиколен со добро пропорционирани објекти, како белег на 21-иот  век, бидејќи плоштадот “Македонија“ беше претворен во белег на 19-ти век“, се наведува во јавниот повик.

На јавниот повик се потпишани Дивна Пенчиќ, Кирил Сотировски, Даница Павловска – Циги, Рената Ќуштеревска, Иван Блинков, Невена Георгиевска, Златко Илијовски, Благоја Бајковски, како и Институтот за демократија Социетас Цивилис, Институтот за комуникациски студии, О2 Иницијатива, Фронт 21/42, Македонското здружение на млади правници, Движењето на екологисти на Македонија, Центарот за истражување и креирање политики и други граѓански организации.