Во четврток започнува Летното кино во МСУ, четири месеци филмски проекции под отворено небо

На 17-ти јуни (четврток), во 21 часот, започнува со работа Летното кино во Музејот на современа уметност (МСУ), во чии рамки публиката во наредните четири месеци под отворено небо над градот ќе има можност да проследи десет креативни документарни филмови, информираат од МСУ.

„Станува збор за внимателно избрани филмови, кои во себе, не носат само дидактичка нишка, туку на повеќе нивоа ги отвораат прашањата поврзани со животот и делата на уметниците, општествените и егзистенцијални теми, како и предизвиците на создавањата на делата и раководењето на музеите во 21 век, вели Дарко Набаков, одговорен за филмската програма и дел од стручниот тим на МСУ.

Летното кино во МСУ ќе биде отворено со кинеско-американскиот документарен филм „Нашата временска машина“ (2019) од режисерите Yang Sun и S. Leo Chiang. Филмот досега е прикажан на повеќе значајни светски филмски фестивали и добитник е на многу филмски награди.

Веќе на 24 јуни (четврток), во Летното кино ќе се одржи следната проекција на филмот „Музејски град“ на режисерката Џенифер Треинер, една од основачките на Музејот за современа уметност во Масачусетс/ MASS MoCA.

Сите проекции во рамите на Летното кино ќе се одвиваат на отворениот трем на музејот со почеток од 21 часот, влезот е слободен, но капацитетот е ограничен на 50 седишта.