fbpx

Во Атина задоволни од средбата со Меркел

-

Грција е задоволна од средбата на премиерот Алексис Ципрас со германската канцеларка Ангела Меркел. Грчкиот печат ја оценува средбата како позитивна и како добар чекор кон топење на мразот меѓу двете страни. Коментарите се дека иако и понатаму остануваат разликите и црвените линии на Атина и на Берлин, сепак тет-а-тет состанокот на Меркел и на Ципрас покажува поголема волја за соработка и за меѓусебно разбирање.

Од канцеларијата на грчкиот премиер, кој денеска се среќава со германскиот шеф на дипломатијата, Франк Валтер Штајнмајер, велат дека се задоволни од средбата. Владиниот портпарол, Гаврил Сакеларидис, истакна дека ќе се вратат задоволни од Берлин бидејќи Ципрас успеал директно, пред неа да претстави прашања кои се од клучно значење за Грција. Оцените во премиерскиот кабинет се дека оваа средба полека го трасира патот за нови политички разговори и преговори, кој досега бил затворен поради мразот меѓу грчката и германската влада.

– Се воспостави еден нов канал на комуникација меѓу германската канцеларка и грчкиот премиер и беа најдени заеднички точки околу реформската програма за Грција – истакна Сакеларидис.

„Се скрши мразот во Берлин“, пишуваат весниците „То вима“ и „Етнос“, коментирајќи дека полека се отвора пат за разбирање и за соработка меѓу Меркел и Ципрас и се подобрува комуникацијата и реалниот пристап кон проблемите, иако и понатаму остануваат нивните политички разлики за одредени прашања поврзани со грчката економија.
За разлика од медиумите кои пренесуваат позитивни впечатоци, грчките опозициски партии упатија бројни критики за Ципрас и за неговите изјави за време на заедничката прес-конференција со Меркел. Поранешната владејачка партија, Нова демократија, оцени дека средбата не донесува ништо ново за грчката политика и економија, истакнувајќи дека Ципрас треба многу да се потруди за да ја врати државата во колосек бидејќи секојдневно се зголемува грчкиот долг и обврските кон меѓународните кредитори. Партијата Река, пак, забележа дека Ципрас полека ги напушта досегашните ставови и политика и се врти во друга насока, водејќи пореална политика.
„Лани ова време, Ципрас ѝ велеше на Меркел да се врати назад. Денеска ѝ рече „да одиме заедно“. Река од прв момент ги повикува СИРИЗА и Независни Грци да се свртат кон реалноста и да соработуваат со партнерите за да се спречи падот на грчката економија“, се вели во соопштението на партијата.

Грчките социјалисти, пак, од ПАСОК, сметаат дека Ципрас направил големи отстапки од своите досегашни ставови, но без тоа да има каков било практичен резултат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.