fbpx

ВМРО-ДПМНЕ ја блокираше говорницата и седницата за смена на Зврлевски

-

На неполни 10 минути откако почна, седмото продолжение на шестата седница на Собранието на Република Македонија беше прекинато зашто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на говорницата по кратката расправија на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со Антонио Милошоски, кој излезе на говорницата. Џафери го повика обезбедувањето да интервенира, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на говорницата и откако апелите на претседателот на Собранието да ја ослободат салата не успеаја, Џафери прогласи десетминутна пауза.

Потоа расправијата продолжи во истиот дух. Првин Џафери ги читаше членовите од 91 до 94 на деловникот на Собранието, за да образложи зошто повикал обезбедување и ја прекинал седницата, а потоа како претседател на Собранието, сепак, му даде збор за процедурална забелешка на Милошоски. Тој рече дека постапување на Џафери е неделовничко и незаконско и како координатор на една од десетте пратенички групи, побара еден час пауза. По реплика од Џафери, која беше прекинувана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои дофрлаа од фотелја, тој сепак прогласи пауза од еден час.

На седницата треба да  се расправа за владиниот предлог за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски. Прв зборуваше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ги повтори ставовите на неговата партија дека станува збор за незаконско разрешување и побара седницата да биде прекината додека не стаса одговорот од Комисијата за спречување на корупцијата. Димовски во еден момент му рече на Џафери дека прави незаконска работа и кога веќе така почнал да решава, треба да почне и да ја одредува цената на струјата.

И Милошоски потоа излезе на говорница за да побара расправата за Зврлевски да прекине додека не стаса одговорот од Комисијата за спречување на корупцијата.

Претседателот на Собранието одговори дека нема пречка да се продолжи со работа по дебатата, што го поткрепи посочувајќи на членот 16 од Законот за спречување на корупцијата.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа од Комисијата за спречување на корупцијата таа да појасни дали треба да продолжи постапката за разрешување на јавниот обвинител, иако е нејасно зошто току таа комисија, чии членови се на одмор, би требало да даде толкување.

СДСМ го нарече апсурдно барањето на ВМРО-ДПМНЕ точката за разрешување на Зврлевски да се одложи по локалните избори. Владејачката партија вели дека процедурата за разрешување на Зврлевски е во целост законска и транспарентна.

На расправата во понеделникот, излагања, реплики, контрареплики и процедурални забелешки главно имаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои рекоа дека разрешувањето е политичка хајка. Тие рекоа дека Зврлевски има процесирано 60 отсто од случаите и ефикасноста е зголемена во неговото време како јавен обвинител.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...