Дел од каменоломот во Лабуништа | Фото: Натура лаб

Владата на Република Северна Македонија еднострано ги раскина договорите за пет концесии за каменоломи во околината на струшкото село Лабуништа, информираше на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што информираше министерот, овие концесии се одземени со цел да се заштити здравјето на локалното население, но и да се заштити животната средина во овие региони.

„Оваа одлука е едно ветување кое го дадовме на жителите на село Лабуништа. Дека каменоломите во Лабуништа нема да работат, односно дека Министерството за економија ќе ги направи сите чекори согласно законските можности за раскинување на договорите за концесија на концесионерите кои работат во тој регион. Денес можам да соопштам дека жителите на овие два региона можат да бидат спокојни“, рече Бектеши.

Министерот информираше дека и за време на вонредната состојба настаната со Ковид-19 , жителите на селото Лабуништа продолжиле да ги доставуваат барањата за одземање на доделените концесии за експлоатација на неметалични минерални суровини во близината на селото до Министерството за економија, укажувајќи и дека настанатата прашина при минирање, експлоатирање, сепарирање и транспорт на минералната суровина значително го нарушува здравјето на жителите на селото Лабуништа.

„Голема благодарност до Владата која покажа слух за барањата на Лабуништани“, вели Алим Салоски, претседател на еколошкото здружение „Натура Лаб“ од Лабуништа, додавајќи дека тие и не барале ништо повеќе одошто да имаат право на здравје и на чист воздух, кои им ги уништуваше прашината од каменоломите. „Свесни сме дека овој потег на Владата доаѓа во пресрет на изборите, но сепак го цениме како принципиелен бидејќи даденото ветување се реализира“, додава Салоски.

Жителите на Лабуништа минатата недела се заканија со бојкот на претстојните избори доколку Владата не го реши нивниот долгогодишен проблем со отворените копови на каменоломите, од кои некои се наоѓаат во непосредна близина на куќите. Минатата година тие во неколку наврати организираа протести против каменоломите, за кои тврдат дека се главната причина за порастот на тешките заболувања во Лабуништа и во околината, ги блокираа локалните патишта и добија ветување од Бектеши дека во најкус можен рок ќе се укинат концесиите, а дека на концесионерите како компензација ќе им бидат понудени други локации.

Во меѓувреме, дел од концесионерите самите се повлекоа, но еколошкото друштво „Натура Лаб“ од селото Лабуништа во повеќе наврати алармираше дека некои каменоломи и натаму продолжуваат со работата, со што директно го загрозуваат здравјето на локалните жители.

Бектеши на денешната прес-конференција информираше дека, во согласност со постоечкиот Законот за минерални суровини и согласно Уредбата врз основа на која се донесени, во случај на едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација по овој основ, концесионерот има право да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на одлуката за едностран раскин на договорот и доколку позитивно се изјаснат сите надлежни институции и општината каде што се наоѓа локалитетот, тогаш концесијата ќе ја добијат директно за експлоатација.