Владата донесе одлука за неколку категории стипендии за средношколците

Photo by javier trueba on Unsplash

На вчерашната седница, Владата донесе одлука за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта за тековната учебна година.

Според одлуката, стипендии во износ од 3.500 денари месечно се предвидени за: талентирани ученици – спортисти; талентирани ученици од областите на природните и техничките науки; талентирани ученици од областа на уметностите; за ученици со посебни потреби; за социјална поддршка на ученици од средното образование; за ученици – деца без родители; за ученици кои реализираат наставни програми од угостителско-туристичка струка; за наставни програми од електро-техничка струка; од градежно-геодетска струка; од земјоделско-ветеринарна струка; за наставни програми од машинска струка; од текстилно-кожарска струка; за ученици кои реализираат наставни планови и програми за стручно оспособување и стручно образование од тригодишно траење; за ученици кои ќе се запишат во паралелки во стручно образование, во коишто ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови, согласно програмите за стручно образование.

За ученици Роми, пак, се предвидени стипендии од: 2.200 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 4.50 до 5.00; од 1.500 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 3.50 до 4.49; од 1.200 денари месечно за ученици кои имаат среден успех од 3.00 до 3.49 и стипенции од 800 денари месечно за учениците – Роми кои имаат среден успех од 2.00 до 2.99.

Министерството за образование и наука најави дека очекува конкурсите за ученички стипендии да бидат објавени до крајот на овој месец.