fbpx

Владата ѝ дала објект на општина Чаир за изградба на базен, кој е веќе издаден под кирија до 2049 година

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу уште од првиот мандат вети дека на тоа место ќе го реактивизира во полна функција тој објект , односно повторно ќе го отвори како базен, бидејќи оваа општина со повеќе од 62 илјади жители, нема базен

-

Општина Чаир со владина одлука од 30 јули 2021 година, го зеде во употреба објектот во кој треба да изгради базен за граѓаните на општината. Но, овој објект има два активни договори со различни субјекти кои имаат право на користење – едниот до 2035 година, а другиот до 2049 година. Затоа сега општината бара да се раскинат договорите бидејќи не може да преземе никаква активност, пишува Порталб.мк.

Владата, пред две години, на oпштина Чаир ѝ го отстапила на неограничен период за употреба објектот каде што треба да се гради базенот за граѓаните на оваа општина. Но, во овој објект има две приватни фирми кои имаат активни договори со Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти. Општинарите чекаат одлука од Владата за изнаоѓање решение, бидејќи во спротивно не може да се преземат никакви активности за изградба на базенот.

Во Чаир има еден затворен базен, кој е изграден за време на комунизмот, односно пред повеќе од 40 години, но тој повеќе од 20 години не е функционален, а се
користи за различни бизниси. Претходно таму фукнционираше фирма за изработка на ПВЦ врати и прозорци, а од неодамна се користи како магацин.

Општина со 62.000 жители нема базен 

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу уште од првиот мандат вети дека на тоа место ќе го реактивизира во полна функција тој објект, односно повторно ќе го отвори како базен, бидејќи оваа општина со повеќе од 62 илјади жители, нема затворен, ниту пак, отворен базен.

Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти: Владата не нè консултирала

Овој објект е во надлежност на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти на Република Северна Македонија. Поради тоа, Владата, на 30 јули 2021 година, ѝ дава неограничено користење на општина Чаир, за да го изгради ветениот базен.

Но, Владата пред да ја одобри одлуката не проверила дали истиот објект е чист од имотно-правен аспект, односно дали му е даден на користење на кој било друг субјект.

„Проблемот е што Владата пред да ја усвои одлуката не побарала став од наша страна за објектот“, вели за Порталб.мк Зоран Исајловски, директорот на претпријатието.

Тој додава дека ја известиле општина Чаир да го земе објектот под нејзина надлежност.

Според информациите од изворите на Порталб.мк , двете компании имаат договори со ЈП за стопанисување со спортски објекти за времески период од 30 години, поточно едната до 2035 година, а другата до 2049 година. Тоа значи дека доколку општината ги преземе ингеренциите, ќе треба да почека да истече овој времески рок од договорот за да го изгради базенот.

Но, ова е неприфатливо за општина Чаир, и од таму бараат Владата да интервенира за расчистување на ситуацијата, односно објектот да им се предаде без постоечките договори.

„Општина Чаир на 19.04.2023 година објави Информација за спортскиот базен Чаир со предлог заклучок до Владата на Република Северна Македонија, предметниот објект да се даде под управување на општина Чаир, без активни договори за издавање под закуп, поточно без активни договори помеѓу Јавното Претпријатие за стопанисување со спортски објекти и изнајмувачките субјекти на просториите на објектот. Во моментов го чекаме мислењето и конечната одлука на Владата за предметниот објект да ни биде даден под целосно управување, ослободен од однапред склучените договори меѓу договорните страни ЈП за управување со спортски објекти и закупниците“, велат од општина Чаир за Порталб.мк.

Врз основа на Деталниот урбанистички план, појаснуваат оттаму, овој објект е наменет како спортски објект за рекреација – базен, а општината е заинтересирана да инвестира и да го реализира планот и потребите на граѓаните.

Директорот Зоран Исајловски, пак, нагласува дека договорот не може да се раскине бидејќи приватните субјекти ќе го тужат Претпријатието за стопанисување со спортски објекти.

„Договорот не може да се раскине бидејќи компаниите ќе имаат право да не тужат. Единствено решение го гледам општината да го преземе објектот и фирмите да и плаќаат на општината за објектот, се додека не истече договорот“, вели Исајловски.

Владата молчи

Од Владата ја потврдија ситуацијата и нè информираа дека работат на решавање на ситуацијата. Поминаа повеќе од две недели, но Порталб нема одговор на прашањето,  дали ќе се постигне договор со приватните странки за раскинување на  договорот или дали тие еднострано ќе го раскинат договорот, за жителите на Чаир да не чекаат за изградба на базенот до 2049 година.

Ветувања низ годините за базенот/ите во Чаир

Инаку, 62.586 граѓани на општина Чаир сè уште немаат базен и покрај тоа што низ годините општинските и централните власти ветуваа изградба на простори каде што граѓаните освен што ќе се разладуваат за време на високите летни температури, ќе бидат и место каде ќе „блеска“ спортот.

Првото ветување за изградбата на базенот во Чаир го даде Висар Ганиу на локалните избори во 2017 година. Но, во првиот мандат базенот не беше изграден, а Ганиу во вториот мандат повторно вети изградба на базени, овојпат три, два за студентите и еден за сите граѓани, кои треба да се градат на местото на поранешните базени. Но, до сега не се изградени ниту базените за студентите, ниту базенот за сите граѓани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...