Вкупно 1.426 гласачи во рок од два часа ќе гласаат за нов ректор на УКИМ

Секој професор гласа на својот матичен факултет или институт. Најмногу гласачи има од Медицински факултет, 137, вели проф. д-р Родна Живковска, претседателката на Универзитетската изборна комисија

фото: Мета.мк

На 30 мај, во периодот од 12 до 14 часот ќе се гласа за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Нема простор за зголемување на времето за гласање, во случај некој од професорите да не може токму во тој термин да се појави на гласање поради други обврски.

Проф. д-р Родна Живковска од Правен факултет, претстедателка на Универзитетската изборна комисија, за Мета.мк вели дека оваа пракса не е нова.

„На секои избори се гласа во период од два часа, така беше и на минатите избори за ректор. Вкупно 1.426 професори имаат право на глас, точно толку ливчиња и ќе има испечатено и потишани од мене како претседателка, за да се избегнат нерегуларности. Секој професор гласа на својот матичен факултет или институт. Најмногу гласачи има од Медицински факултет, 137“, информира Живковска.

Како што таа вели, резултатите ќе бидат соопштени уште истиот ден, на 30 мај.

„Ако некој гласал за двајца кандидати или, пак, ако заокружил неколку кандидати или ако го оставил ливчето празно, тогаш тоа ќе биде неважечко гласачко ливче. Гласањето е тајно и ќе се одвива на сите 28 единици кои го сочинуваат УКИМ“, додава таа.

Во тек е претставување на кандидатите за ректор по кампуси. Во трка, за мандатниот период од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година, се деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова.

Право на глас имаат сите на Универзитетот кои се избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор, како и студентите кои се дел од наставно-научните совети на факултетите. Како што е наведено во роковникот, може да се случи и да има прегласување, а такво нешто би се одржало на 9 јуни, и тоа во онаа единица каде што ќе има потреба од прегласување.

Досегашен ректор на УКИМ беше д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет. Тој првпат беше избран за ректор во 2016 година. Потоа, во 2020 година, беше реизбран со нов мандат од три години.