Две проректорки и четворица декани и професори во трка за ректорската фотелја на УКИМ

На 30 мај ќе се гласа на секоја изборна единица, односно на секој факултет. До крајот на гласачкиот ден, ќе бидат објавени резултатите од тајното гласање. Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор

Фото: Мета.мк

Денеска на полноќ истекува рокот за поднесување кандидатури за избор на нов ректор на најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Согласно роковникот објавен на веб-сајтот на универзитетот, ќе се гласа на 30 мај, во периодот од 14 до 16 часот, на сите 23 факултети и 5 институти.

Мета.мк дознава дека во трка за ректор за мандатниот период од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година, се деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Билјана Ангелова.

Како што информираат за Мета од Универзитетската изборна комисија, во периодот од 15 до 26 мај, по кампусите на УКИМ ќе има претставување на кандидатите за ректор. На 17 мај ќе се утврди единствениот избирачки список. На 30 мај ќе се гласа на секоја изборна единица, односно на секој факултет. До крајот на гласачкиот ден, ќе бидат објавени резултатите од тајното гласање. Право на глас имаат околу 1.500 гласачи, избрани во звање доцент, редовен и вонреден професор.

Како што е наведено во роковникот, може да се случи и да има прегласување, а такво нешто би се одржало на 9 јуни, и тоа во онаа единица каде што има прегласување.

Досегашен ректор на УКИМ беше д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет. Тој првпат беше избран за ректор во 2016 година. Потоа, во 2020 година, беше реизбран со нов мандат од три години.

Мандатот за оваа позиција беше намален од четири на три години, со измените во Законот за високо образование усвоени во 2018 година.