Фото: Фејсбук

Фотографијата со угинати штркови, којашто се споделува на социјалните мрежи, не е направена во Прилеп, туку во Турција. Корисници на Твитер од Турција пишуваат дека штрковите се убиени додека мигрирале во областа Чал во Денизли. Истата фотографија од штрковите е објавена и во неколку турски медиуми.

Пост на Фејсбук, преку манипулативна фотографија, шири лажна вест дека штркови биле убиени во Прилеп, што предизвика многу реакции на социјалните мрежи, пишува Вистиномер.мк. Нашата проверка покажа дека фотографијата со штрковите не е од Македонија и дека прилепчани не ги убиле, како што се наведува во објавата.

5000 километри патуваа до тука и некоја будала ги уби. Раката да му се исуши, се вели во текстот на статусот.

Сепак, нашето пребарување на и порталот zemjodelie.mk и на нивната Фејсбук страница покажа дека ваква содржина нема на двете места. Тоа може да значи дека таа или никогаш не била објавена или била избришана. Сепак, ако била накнадно избришана, откако се утврдило дека не станува збор за настан од земјава, ваквата содржина била доволно долго објавена за да биде преземена од други корисници на социјалните мрежи и да стане вирална. Во моментов на рецензијата, овој пост е исклучително вирален и само тој има над 3,5 илјади интеракции.

Веста потоа беше објавена и од некои портали, со наслов „Прилепчани убија штркови“. Во неа нема фотографија, но неа бездруго ја има во постот споделен на Фејсбук страницата на порталот, чиј линк води до написот. Со тоа нема недоумица за кој настан станува збор во веста. Особено што, пак, веста од овој портал е споделена и на други страници, кои ја содржат фотографијата со угинатите штркови, што претставува доказ дека таа е накнадно тргната од порталот од некоја причина. Но, зошто не е тргната само фотографијата, а не и целата вест, како и зошто не е тргнат постот на Фејсбук страницата од порталот, останува нејасно.

На социјалните мрежи е објавена фотографија од убиени штркови во Прилеп. Овие прекрасни птици доаѓаа на пролет во прилепско, посебно во селото Мало Коњари и се вистинка атракција.Тажна беш сликата на угинатите птици легнати беспомпшно на земја, се вели во написот.

Доколку ја пребарате фотографијата на Гугл, ќе видите дека таа се појавува на Твитер на 04.04.2021 година, каде корисници од Турција ја споделуваат, информирајќи дека штрковите се убиени додека мигрирале во областа Чал во Денизли.

Фотографијата од штрковите се појавува и во неколку труски медиуми во април (тукатукатука).

Од сето ова може да се заклучи дека штрковите прикажани на фотографијата се убиени во Турција, а не во Прилеп.

Ваквите објави преку лажни и непроверени фотографии можат лесно да ја доведат во заблуда јавноста и да предизвикаат негативни реакции, како во овој случај каде што имаше бројни негативни реакции кон „немилосрдните прилепчани“. Затоа, пред да се објави некоја фотографија мора внимателно да се провери од каде е истата, за да не се шират дезинформации.