Вистиномер: Измените во Кривичниот законик треба да донесат нулта толеранција кон нападите и заканите врз новинарите

Фото: Мета.мк

Отсега обвинителството ќе мора да ги прибира доказите по службена должност наместо новинарот да пријавува дека е нападнат и да се изложува на трошоци во судска постапка. Од Министерството за правда за „Вистиномер“ велат дека нивната работна група во предвид ги зела компаративните анализи од повеќе европски земји, во однос на тоа како таму правно се заштитени новинарите се со цел значително да се зголеми заштитата на новинарите, пишува „Вистиномер“ во својата нова анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Министерот за правда Бојан Маричиќ на 27 јули годинава обзнани дека на седница на владата усвоени се измени и дополнувања на Кривичниот законик, кои се однесуваат на новинарите. Станува збор за долгоочекуваните измени со кои ако новинарот добие закана или ако е нападнат додека следи настан (или преку социјалните мрежи или на друг начин), вклучително со неговиот снимател или фоторепортер, тогаш ова дело ќе се третира како кривично дело кое што Обвинителството треба да го гони по службена должност.
Станува збор за очекуваните измени со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите како и на сите медиумски работници, односно снимателите и фоторепортерите. Во иднина, нападот врз нив ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни и за закана и за напад врз новинар. Дополнително, во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на здруженијата на новинари, чии претставници активно учествуваа во работната група која ги подготвуваше измените во Кривичниот законик. Со овие измени ставаме крај на едни минати пракси на неказнивост за насилството врз новинарите. Пракси кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката или институционалната одмазда поради професионалното извршување на нивната работа, рече министерот Маричиќ.
Тој ги повика обвинителството и судовите да постапуваат максимално ажурно и професионално во сите случаи на напад против медиумските работници. Казните за напад врз новинар ќе бидат до 3 години затвор. Измените на Кривичниот законик се влезени во собраниска процедура и се очекува да биде изгласани по летната пауза.

 

ПРИБИРАЊЕ ДОКАЗИ ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ

Отсега обвинителството ќе мора да ги прибира доказите по службена должност наместо новинарот да пријавува дека е нападнат и да се изложува на трошоци во судска постапка. Од Министерството за правда за „Вистиномер“ велат дека нивната работна група во предвид ги зела компаративните анализи од повеќе европски земји, во однос на тоа како таму правно се заштитени новинарите се со цел значително да се зголеми заштитата на новинарите.
Новинарката на Телма, која истовремено е и член на Извршниот Одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Грнчароска, за „Вистиномер“ вели дека очекува измените на Кривичниот законик да ја сместат во историјата праксата на непостапување на институциите кога новинарска екипа ќе биде нападната на терен или кога новинар ќе добие каква и да е закана за својата работа.
Очекувам МВР и ЈО повеќе да не можат нападите и заканите кон новинарите, снимателите и фоторепортерите да ги „проценуваат” според тежината на нападот и заканата за да ги процесуираат и да ги упатуваат новинарите да поднесат приватна пријава против сторителот. Со измените институциите сега ќе мора да постапат по службена должност. Лично како новинар мене тоа многу ќе ми значи. Ќе се чуствувам посигурно при извршување на работните задачи особено теренските и оние кои се со повисок безбедносен ризик, како што се следење собири, протести, немири, полициски акции, но и известување или работење на сензитивни стории. За мене носењето на оваа измена на КЗ ќе значи конечно интегритетот на новинарите и новинарската работа да биде заштитена од државата, што, според мене, е голем исчекор во признавањето на улогата која ја имаат новинарите и нивната работа за општеството и слободата на медиумите, вели таа.
Идејата за институционална заштита на новинарските тимови при извршување на нивната работа која денес е преточена во предлог-законски измени на КЗ потекна од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, која во 2017, со поддршка на Здружението на новинари на Македонија, беше преточен во конкретно барање до, тогаш новата, влада.
Во годините кои следеа и двете организации, и ССНМ и ЗНМ, вложија напори идејата и барањето да станат реалност, меѓу што е и анализата изготвена од ССНМ какви законски измени се потребни за да се обезбеди поголема заштита на новинарските екипи во нивната работа. Во соработка со Министерството за правда, денес на маса го имаме резултатот од тоа – напад врз новинар, снимател, фоторепортер да се третира како напад врз службено лице. Како организација која се грижи за условите во кои работат новинарите задоволни сме од она што до сега го постигнавме, но во исчекување сме на последнот чекор за долгогодишната битка за институционална заштита на новинарите да стане реланост, а тоа е усвојување на законските измени од пратениците во собранието. Но моментот на вистински успех за ССНМ ќе биде моментот кога членот од КЗ кој ги штити новинарите од напади и закани ќе почне да се спроведува, односно кога ќе се увериме дека институционалната заштита на новинарите не е само парче хартија туку реалност, објаснува Грнчароска.

 

НЕОПХОДНИ ПРОМЕНИ ВО СТРУКТУРАТА И ПРАКСАТА НА ИНСТИТУЦИИТЕ 

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, вели дека потребата од воспоставување системски механизам, преку кој ќе се обезбеди поголема заштита на новинарите и медиумските работници, е барање на ЗНМ и самостојниот синдикат на новинари, кое неколку години наназад го застапуваат јавно и пред надлежните институции
Важно е да се истакне дека новинарите не се поистоветуваат како службени лица, туку се стекнуваат со посебен статус на заштита со цел поголема гаранција на нивната безбедност преку која индиректно се штити и уставното право на информирање на сите граѓани. Овој механизам не треба да заврши само со измени во КЗ, туку потребни се интервенции и во структурата и праксата на одредени институции, како, на пример, обврската МВР редовно да води и да ажурира регистар на напади кон медиумски работници, како и воспоставување на ново одделение во рамки на обвинителството. На овој начин МВР ќе покаже дека активно се следат прекршувањата на правата кон новинарите а ОЈО дека се грижи да има обвинители кои имаат напредни познавања за заштита на правата на новинарите и слободата на говор, ни рече Секуловски.
Тој додаде дека измените во Кривичниот законик се во согласност и со Препоракатa CM/Rec (2016) 4 на Комитетот на министри од земјите-членки за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски актери, која е облигаторна и за нашата земја како членка на Советот на Европа. Во овие препораки се вели дека земјите членки потребно е да направат соодветни измени во кривичните закони со цел превенција и заштита на правата и безбедноста на новинарите. 
 
Според овие препораки, законската рамка, вклучително и одредбите за кривично право што се однесуваат на заштитата на физичкиот и моралниот интегритет на личноста, треба да се имплементира на ефикасен начин, вклучително и преку административни механизми и со препознавање на посебните улоги на новинарите и другите медиумски актери во демократско општество, додава Секуловски.