Порталот за проверка на факти и јавна отчетност и транспарентност, Вистиномер, заедно со неговиот издавач, Фондацијата Метаморфозис, станаа полноправна и сертифицирана членка на Европската мрежа за стандарди во проверката на факти (European Fact Checking Standards Network).
Потврдата за членство доаѓа по сеопфатен и обемен процес на аплицирање, кој изискуваше значителни подобрувања на самиот портал, прилагодување и обнова на постоечката методологија за проверка на факти, засилување и воведување на нови процеси во работењето на редакцијата и нејзиниот издавач. Следни обврски кои требаше да се исполнат се однесуваа на посеопфатна грижа за сите етички моменти во работењето, дополнување на правилата и практиките со цел да се засили грижата за етичкото работење при проверката на факти, подобрување на начините на комуникација со читателите и преку порталот, но и преку социјалните прежи, многу поголема јавност во работењето и засилување на транспарентноста во повеќе области.
Откако се извршија сите овие и редица други измени и подобрувања, како и откако се усвоија сите нови процедури, следеше процес на аплицирање преку пополнување на обемна апликација и приложување на стотици страници документи и објавени содржини, кои беа анализирани и проверувани од меѓународни асесори во период од половина година. Двајцата асесори, покрај ова, ги извршија сите неопходни проверки и врз севкупните содржини на порталот и другите придружни сајтови на Фондацијата, сопственостите на порталот и Фондацијата на сите социјални мрежи со цел да се утврди етичкото и професионално работење на редакцијата и нејзиниот издавач.
Дури потоа редакцијата на Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис беа информирани дека ги задоволуваат условите за оваа европска сертификација, која ќе треба да се обновува на секои две години, при што и тогаш ќе треба да се помине истата процедура.
Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис, покрај членството во EFCSN, се и полноправни и сертифицирани членки на Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact Checking Network – IFCN) веќе 5 години, во која сега членуваат над 140 организации, при што нивниот број се очекува да порасне на над 200 во текот на следните година или две. И во оваа организација Вистиномер поминува сличен процес на аплицирање и тоа секоја година.
EFCSN има над 30 полноправни членки од целиот европски континент и оваа бројка се очекува да порасне до над 40 во следниот период. Таа е отворена за проверувачите на факти кои имаат силен фокус врз една или повеќе земји членки на Советот на Европа или Косово, Белорусија и Русија. Првичните иницијативи за основање на ваква организација се појавија во 2021 година, додека статутот на организацијата беше дискутиран и утврден во Мардид во август 2022 година. Процесот на избор на раководните тела, како и аплицирањето за членство на сите заинтересирани организации за проверка на факти се случуваше во текот на 2023 година, паралелно со сите други напори неопходни за создавање на ваква пан-европска организација со седиште во Брисел.
Главната причина за нејзиното основање е утврдувањето на најважните стандарди и најдобрите практики, кои потоа би биле следени и засилувани од европската заедница на проверувачите на факти. Најважен документ на организацијата е Европскиот кодекс на стандарди за независни организации за проверка на факти. Тој содржи сет на критериуми дизајнирани да обезбедат дека организациите кои проверуваат дезинформации се придржуваат до највисоките стандарди на методологијата, етиката и транспарентноста со цел на најдобар можен начин да му служат на јавниот интерес.