fbpx

Вистиномер: Фотографија злоупотребена за да се обвини ЕУ за наводен фашизам

-

Не е вистина дека на фотографијата, која е споделена во склоп на постот се гледаат двете политичарки, Зузана Чапутова и Урсула фон дер Лајен, со фашистички симболи кои може да се поврзат со некакво тајно друштво во кое членувал и Хитлер. На фотографијата се гледа дека двете политичарки разменуваат поздрав како израз на срдечна почит. Наспроти тврдењето во постот, заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија, пишува Вистиномер.мк.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на Фејсбук, во кој се тврди дека во Европската Унија владее фашизам. Потоа во постот се обвинува дека по секоја цена се сака антифашистичка Македонија на колена да се внесе да слугува на големобугарските копнежи.  Во објавата се вели:

Фашизам владее во ЕУ, а вие копита предавнички, по секоја цена сакате антифашистичка Македонија на колена да ја внесите да слугува на големобугарските копнежи…
До каде бе гојда предавнички, во план сте после гласање да бегате во други земји!?
Мал е светот !!!

За да се поткрепи наводот дека Европската Унија е фашистичка, во прилог на постoт се споделени две фотографии, едната на која Хитлер прави симбол со прекрстени дланки на градите, а на втората се прикажани две политичарки кои се поздравуваат, навидум гестикулирајќи го истиот симбол. На фотографијата со политичарките, заокружени се нивните раце за да се потенцира токму нивната гестикулација.

Фотографијата е постара, исто како и самото тврдење во постот што е предмет на нашата рецензија. На 3 август 2021 година, странските проверувачи на факти пишуваат дека станува збор за фотографија на која се наоѓа претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, заедно со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Теоретичарите на заговори побрзале да ја изедначат фотографијата на која двете политичарки срдечно се поздравуваат, со невистинита аналогија за фашизам сè со цел да се оцрни Европската Унија, како што се прави и во постот кој го рецензираме. Дури и словачката полиција изреагирала за објавената фотографија со следното соопштение:

Поради апсурдноста на оваа теорија на заговор, не планиравме да реагираме на неа. Очигледно е дека претседателката Чапутова не ни ги има прекрстено рацете. Од невербална точка на гледање на работите, станува збор за гест на искрена, заемна почит.

Во словачките медиуми пишува дека дури и папата станал дел од оваа теорија на заговор, според која политичарките заедно со него, припаѓаат на тајно друштво во кое своевремено членувал и Хитлер. Теоретичарите на заговори, исто така, го вмешале и папата во целата приказна за наводното членство во тајното друштво, па така искористиле фотографија на која Исус Христос наводно е со прекрстени раце исто како и  Хитлер. Фотографијата каде што папата е вмешан во оваа невистинита теорија на заговор, може да ја погледнете на следниот линк.

Според полицијата на Словачка откривањето на мистериозни асоцијации претставува национален спорт за некои луѓе.

Идејата дека членови на тајно друштво разменуваат тајни пораки во јавност пред камери, а кои пак, секогаш се разоткриени од теоретичарите на заговори, е базичната идеја врз која почиваат овие измами, заклучуваат од полицијата.

Во врска со изнесеното во постот што го рецензираме дека во Европската Унија владее фашизам, ваквото тврдење е комплетно спротивно на реалните заложби и цели поради кои Унијата е воопшто формирана. Станува збор за политичка и економска унија на 27 земји членки примарно лоцирани во Европа, со политики кои обезбедуваат слободно движење на луѓе, проток на добра, услуги и капитал на внатрешниот пазар, заеднички политики за трговија агрикултура и регионален развој.

На 25.10.2018 година, Европскиот парламент објави дека е загрижен од зголемениот тренд на нормализација на фашизмот, расизмот и ксенофобијата и повика сите земји членки на Европската Унија да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи.

Членовите на Европскиот парламент сметаат дека крајно десничарски организации во некои од земјите членки се еден од причинителите за растот на насилието, кое целосно го афектира општеството и е таргетирано на Евреи, Муслимани, Роми, ЛГБТИ луѓе итн.

Тие предложија да се состават единици во полицијата за борба против криминал од омраза, за да се осигура дека ваквите инциденти се процесуираат и се истражуваат. Членовите на Европскиот парламент ги охрабруваат националните влади ефективно да ги забранат неофашистичките и неонацистичките групи и сите други фондации и асоцијации кои го глорифицираат нацизмот или фашизмот.

Европскиот Парламент повика земјите членки јасно да ги осудат и санкционираат криминалот од омраза, говорот на омраза од страна на политички фигури кои користат омраза и насилство. Исто така, оттаму додадоа дека е потребно земјите членки да се спротивстават на ширењето на расизамфашизам, ксенофобија преку интернет во соработка со компании за социјални мрежи. Во резулуцијата се наложува земјите членки и националните спортски федерации, особено фудбалските клубови да се спротивстават на фашизмот, расизмот и ксенофобијата на стадиони и други спортски и културни настани со санкционирање и осуда на овие дејства. Исто така, се предлага земјите членки на ЕУ да состават програми со кои ќе може да им се помогне на индивидуите кои се дел од насилни неофашистички и неонацистички групи, да се одделат од нив и да ги напуштат. Членовите на Парламентот исто така ја потенцираат важноста на образованието, за да се подигне свеста кај младината за историјата и повикува сите јасно да одбиваат да ги прават злосторствата на фашизмот од минатото, дополнувајќи дека вистината за Холокаустот не смее да се тривијализира.

Од ова станува јасно дека заложбите на Европската Унија не само што не се фашистички, туку и цврсто се темелат на антифашистички политики, препораки и дејствија.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека на фотографијата која е споделена во склоп на постот се гледаат двете политичарки, Зузана Чапутова и Урсула фон дер Лајен, со фашистички симболи кои може да се поврзат со некакво тајно друштво во кое членувал и Хитлер. На фотографијата се гледа дека двете политичарки разменуваат поздрав како израз на срдечна почит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...