Украинските сили ги оштетија сите три моста кои водат кон окупираниот град Херсон, планираат офанзива

Еден од мостовите на реката Дњепар; Извор на фотографија: Укринформ

Американскиот Институт за проучување на војната во својот најнов извештај наведува дека украинските сили заклучно со 24 јули успеале да ги оштетат сите три моста кои водат кон окупираниот град Херсон на југот на Украина, пренесува Укринформ. Користејќи ги ракетните системи со високи перформанси ХИМАРС, украинските сили се обидуваат да ги отсечат руските сили кои се наоѓаат на западниот брег од реката Дњепар.

Мостот кај Нова Каховка на истоимената хидроелектрана е оштетен од гранатирањето, но руските сили се обидуваат да ги санираат оштетувањата. Антоновскиот мост досега има поголеми оштетувања од гранатирањето, а онеспособен за сообраќај е железничкиот мост кај Новобохданивка во близина на градот Мелитопол.

Украинските сили во изминатово деноноќие извршиле пет напади врз руската армија во Херсон и Берислав. Укринформ ги пренесува извештаите на властите дека во изминативе 24 часа успеале да уништат 66 руски војници, пет тенкови, девет возила и друга воена техника.

Руските сили во изминатово деноноќие гранатирале повеќе украински градови. Со ракети повторно биле погодени градовите Миколаив на југот и Харкив на истокот на Украина. Најмалку 20 експлозии од руското гранатирање се слушнале во Харкив, а експлозии имало и во Днипро, Запорожје, Никопол, Криви Рих и други градови во централниот дел на Украина, јавува Укринформ.

Гардијан ги пренесува информациите на украинското Министерство за здравство, во кои е наведено дека од почетокот на руската агресија на 24 февруари до денес најмалку 18 здравствени работници загинале, а над 50 од нив биле повредени во руските напади. Уништени или оштетени се над 900 здравствени објекти во Украина како последица на руската агресија.

Европската комисија соопшти дека околу 500.000 украински деца-бегалци во моментов посетуваат настава во некоја од земјите-членки на ЕУ. Тие се интегрирани во националните образовни системи на земјите-членки на ЕУ, јавува Гардијан.