fbpx

Ветувањето за носење закони во редовна постапка „прегазено“ по скратена постапка

Само десетина дена по конституирањето на Собранието, Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ го прекршија предизборното ветување дека скратената постапка при донесување закони ќе биде исклучок, а не правило. Најпрвин на 7 јуни по скратена постапка беа донесени измените на Законот за реорганизација на министерствата, а потоа на 25 јуни по иста процедура беа усвоени и корекциите на Законот за енергетика, пишува Вистиномер

-

Само десетина дена по конституирањето на Собранието, Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ го прекршија предизборното ветување дека скратената постапка при донесување закони ќе биде исклучок, а не правило. Најпрвин на 7 јуни по скратена постапка беа донесени измените на Законот за реорганизација на министерствата, а потоа на 25 јуни по иста процедура беа усвоени и корекциите на Законот за енергетика. Тоа најверојатно ќе биде случај и со измените на Законот за локална самоуправа, со кои ќе се овозможи со општините Аеродром, Гостивар и Сарај чии градоначалници беа избрани на нови функции, да раководат в.д. градоначалници до редовниот термин за локалните избори – октомври 2025 година, пишува Вистиномер

Ветување: Со целосна имплементација на Деловникот за работа на Собранието, редовната постапка за донесување на законите мора да биде правило, а скратената и итна постапка исклучок. Во целост ќе ја почитуваме деловничката обврска за задолжително вклучување на експертската и стручната јавност, како и на граѓанските организации во работата на собраниските комисии.

[Извор: Програма на ВМРО ДПМНЕ „Платформа #1198“, стр. 99 – датум: мај, 2024]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Набрзо по конституирањето на новиот собраниски состав, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер, премиерот Христијан Мицкоски го прекршија ова предизборно ветување, и тоа не еднаш, туку двапати. Првите два закона Собранието веќе ги донесе по скратена постапка, а според најавите наскоро во ваква процедура треба да се усвојат уште едни законски измени, што ни дава за право горенаведеното ветување да го оцениме како недоследно.

Фото: скриншот од донесените закони во Собрание

На втората седница по добивање на мандатот, владеачката коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ го предложи, а потоа го изгласа (со помош на опозициската ДУИ), по што претседателката Гордана Сиљановска Давкова го потпиша указот на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Потребни беа само три дена да се донесе овој закон, со којшто се направи темелна реорганизација на повеќе министерствата, а се формираа и четири нови. Настрана тоа што законските измени беа донесени по скратена постапка, голем прашалник е колку ќе бидат ефикасни овие промени:

Со реорганизација на министерствата, односно со новите четири министерства и со трансформацијата на дел од останатите министерства, се отвораат голем број прашања. Како ќе функционира државниот апарат, дали и колкаво зголемување ќе има на бројот на вработените во јавниот сектор, но и колку време ќе биде потребно за да се стабилизира и усогласи новиот начин на функционирање на државната управа, пишува во својата анализа Мета.

Вториот закон што го доби истиот експресен третман беа дополнувањата на Законот за енергетика. Со овој закон треба да се направат две промени:

Со измените бараме две работи да се инкорпорираат во постојното законско решение. Првата е да се продолжи лиценцата на правното лице во наредните шест месеци. […] Втората работа е да се утврди износот на маржата која наместо 11,5 ќе биде 9,9 проценти […], рече претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на седницата на ова собраниско тело, пренесе Нова Македонија.

Дали оваа промена навистина ќе придонесе граѓаните да имаат пониски сметки за електрична енергија, допрва ќе се види. Но, тоа не го менува фактот дека новиот состав на Собранието предводен од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ и овој закон го донесе по скратена постапка.

За уште еден закон има најави дека ќе биде донесен по скратена постапка, тоа се измените на Законот за локална самоуправа, за чие гласање е потребно Бадинтерово мнозинство – кое власта во моментот го нема. Со овие законски корекции ќе се овозможи со општините чии градоначалници биле избрани на нови функции, да раководат в.д. градоначалници до редовниот термин за локалните избори – октомври 2025 година. Ваквите законски измени се наметнаа откако доскорешните градоначалници на Аеродром и Гостивар, Тимчо Муцунски и Арбен Таравари, станаа министри во новата Влада, а градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети беше избран за пратеник.

Според постојното решение во Законот за локална самоуправа и во Изборниот законик, рокот во кој може в.д градоначалници да раководат со општините е 6 месеци. Но, заради тоа што следната година (октомври 2025) следуваат редовните локални избори, од коалицијата Вреди предлагаат да нема предвремени избори доколку градоначалникот што заминува отслужил половина од својот мандат, односно ако до редовниот термин за локалните избори има помалку од две години.

Ако до изборите има помалку од две години, треба да се одбере заменик градоначалник во иста постапка како претседавач на Советот. Предлогот е на доработка со стручните служби на Собранието, а потоа ќе биде споделен со пратениците, изјави Халил Снопче, координаторот на пратеничката група на Вреди пренесе Телма. (11.06.2024)

Истиот ден (11.06.2023) и Арбен Таравари на панел-дискусијата „Ни ‘ваши’, ни ‘наши’ – Реформа за поддршка на стручните лекари“, потврди дека се подготвени вакви законски измени:

Замислете кампања да направи некој кандидат за градоначалник само за десет месеци и да излезат да речеме 30, 50, 701 илјади граѓани да гласаат за да изберат градоначалник кој ќе биде за само десет месеци. Ако сакаме да ги редуцираме трошоците, истиот в.д. градоначалник практично би имал двапати по шест месеци мандат. Тоа е решението што го предлагаме како Алијанса за Албанците. Се надевам да биде поддржана и од другите партии

Според најавите и овие законски измени ќе се носат по скратена постапка.

Проблемот со честата (зло)употреба на оваа процедура, како што претходно има пишувано Вистиномер, е што ни експертската фела нема можност да ги даде свои мислења и предлози, ни граѓаните имаат време да ги разберат промените. На ваквата штетна практика предупреди и Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија:

Политичката поларизација во Собранието дополнително се продлабочи, со што се одложи донесувањето на многу реформски закони и важни именувања. […] Сите партии треба да се вклучат во конструктивен и инклузивен политички дијалог за да се зајакне улогата на Собранието. Прекумерно, а понекогаш и несоодветно беа употребени скратени постапки и „европското знаменце“, во некои случаи поради недостаток на консултации и лошо планирање на законодавниот календар.“

Заради горенаведените факти, ветувањето на новата власт предводена од коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, дека „редовната постапка за донесување на законите мора да биде правило, а скратената и итна постапка исклучок“, го оценуваме како недоследно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Животна приказна за американскиот бизнисмен Фигерс, претставена како да е од С. Македонија

Објавата е манипулативна и не остава впечаток дека говори за животот на познатиот американски бизнисмен Фреди Фигерс. Истата е конструирана на таков начин што делува како да пренесува приказна...