fbpx

Цела армија административци ќе се селат од едно во друго министерство во следните пет месеци

Со четирите нови министерства и реорганизацијата на останатите, допрва треба да се дели просторот, опремата, инвентарот, архивата, документацијата, средствата за работа и на дел од вработените, кои ќе треба да преминат од едно министерство во друго

-

Со реорганизација на министерствата, односно со новите четири министерства и со трансформацијата на дел од останатите министерствата, се отвораат голем број прашања за тоа како ќе функционира државниот апарат, дали и колкаво зголемување ќе има на бројот на вработените во јавниот сектор, но и колку време ќе биде потребно за да се стабилизира и усогласи новиот начин на функционирање на државната управа.

Според измените во Законот за организација и работа на органите на државната управа кои експресно беа донесени, државните органи ќе имаат шест месеци да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите на органите на државната управа и другите општи акти.

Според новата реорганизација, четири нови министерства се Министерството за спорт, Министерството за европски прашања, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерството за јавна администрација.

Министерството за дигитална трансформација и Министерството за јавна администрација (кое претходно функционираше како МИОА – Министерство за информатичко општество и администрација), ќе треба да донесат одлука со која ќе извршат поделба на просторот, опремата, инвентарот, архивата, документацијата, средствата за работа и други средства, исто како и на вработените.

Опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа, побарувањата и намирувањата на обврските на останатите министерства кои преминуваат од едно во друго министерство, треба да се преземаат во рок од пет месеци.

Министерството за надворешни работи отсега ќе биде Министерство за надворешни работи и надворешна трговија. Затоа, вработените во Министерството за економија кои вршат работи што се однесуваат на следењето на меѓународните стопански движења, како и нивното влијание врз економските односи на Републиката и надворешнотрговско работење ќе се преземат во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Работното место ќе го менуваат и дел од вработените во Министерството за економија кои се занимаваат со геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини и енергетиката. Тие ќе бидат преземени во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Оние вработени во Министерството за економија, пак, кои вршат работи што се однесуваат на туризмот, ќе бидат преземени во Министерството за култура и туризам.

Ротации ќе има и во Министерството за образование и наука. Вработените во МОН кои се занимаваат со технолошкиот развој, информатиката и техничката култура ќе се преземат во Министерството за дигитална трансформација.

Понатаму, вработените во Министерството за труд и социјална политика кои вршеле работи што се однесуваат на работните односи, вработувањето и вработеноста, заштитата на работниците при работењето, материјалното обезбедување на привремено невработените и платите и животниот стандард ќе се преземат во Министерство за економија и труд.

Вработените во Министерството за информатичко општество и администрација кои работат на развој и промоција на информатичкото општество, креирање и водење регистар на информациските и комуникациските системи и информатичка опрема, бази на податоци, меѓусебно поврзување и размена на информации, безбедносни аспекти и развој на инфраструктурата на државните органи итн., како и половина од вработените кои вршат работи од јавни набавки, нормативно правни, човечки ресурси, финансиски работи и други, остануваат да работат во Министерството за дигитална трансформација.

Вработените во Министерството за информатичко општество и администрација, пак, кои работат на законско уредување на прашања во врска со администрација, одговорности и оценување на државни и јавни службеници, плати и надоместоци на плати на државните и јавните службеници, обука и стручно усовршување на државните и јавните службеници итн., како и половина од вработените кои вршат работи од јавни набавки, нормативно правни, човечки ресурси, финансиски работи и други ќе преминат во Министерството за јавна администрација.

Лицата кои вршат работите што се однесуваат на млади и соодветната опрема, инвентар и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа, побарувањата и намирувањата на обврските, како и други средства од Агенцијата за млади и спорт ќе се преземаат во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Останатите вработени, средства, инвентар, архивата, документацијата, средствата за работа, побарувањата и намирувањата на обврските од Агенцијата за млади и спорт преминуваат во новото Министерство за спорт.

Исто така, вработените, опремата, документацијата, побарувањата и намирувањата на обврските, како и другите средства од Секретаријатот за европски прашања се преземаат од Министерството за европски прашања.

Вработените ќе бидат преземени на ист начин на кој бил заснован нивниот работен однос – на неопределено време или на определено време, но не подолго од времетраењето на основниот договор.

Во меѓувреме, се комплетираат имињата од новиот владин состав. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски вчера ги соопшти имињата на предлозите од коалицијата „Твоја Македонија“ за кандидати за членови на новата влада.

Официјалниот состав на идната влада со министерските позиции и програмата за нејзината работа ќе бидат доставени во Собранието во вторник, на 18 јуни.

Муцунски во МНР, Тошковски во МВР, Мисајловски министер за одбрана, Мицкоски ги соопшти имињата на својот кабинет

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства заедно

Податочните центри во Ирска потрошиле повеќе струја од сите домаќинства во државата заедно, пренесува Гардијан. Според Државниот завод за статистика на Ирска, податочните центри искористиле 21 отсто од електричната енергија...