Вардар кај Лисиче повторно загаден, инспекторите на терен, загадувачот непознат

Недозволено загадување на реката Вардар; Фото: Архива на Мета.мк

Увидот на инспекторите за животна средина во инсталациите на двете најголеми фабрики во кругот на некогашната скопска Железарница – „Макстил“ и „Либерти Груп“ (поранешен „Арчелор Митал“), денес не покажа кој е причинителот на денешното загадување на реката Вардар кај Лисиче.

Откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на црвеникаво-кафеаво обоените води на Вардар и откако Градскиот инспекторат ги алармираше своите колеги во Државниот инспекторат за животна средина за ново загадување на реката, беа земени мостри и од пречистителните станици на двата стопански субјекта и од колекторот, кои треба да бидат упатени на анализа во лабораторијата на ЈП Водовод. Ова за Мета го потврди државниот инспектор Мите Начев.

„Земените мостри нема да можат да бидат дадени на анализа денес бидејќи е неработен ден поради изборите, ќе ги однесеме утре“, изјави Нацев, кој потврди и дека инспекторите ги посетиле и „Макстил“ и „Либерти Груп“, но дека од увидот на лице место не можело да се утврди дека некаде имало хаварија, односно од каде потекнува загадувањето. Според инспекторот, „Либерти Груп“ не работеле ниту денес ниту претходните денови.

Во меѓувреме, за инцидентот се огласи и Министерството за животна средина, со соопштение во кое се вели: „По добиена дојава за обојување на водата во река Вардар кај мостот „Близнаци“, државните инспектори за животна средина веднаш излегоа на терен. При тоа, направена е инспекциска контрола во двата правни субјекти: Либерти Скопје и Макстил АД, кои се наоѓаат во комплексот на бивша Железара и за кои инспекторирањето е во надлежноста на Државниот инспекторат за животна средина“.

Во соопштението на МЖСПП се потврдува дека е направен увид и контрола на пречистителните станици на двата правни субјекта, како и на местото каде колекторот се влева во реката Вардар и од таму се земени мостри кои ќе се дадат на анализа во акредитирана лабораторија.

„Ниту Либерти Скопје, ниту Макстил АД немаат пријавено било каква хаварија, а при увидот во пречистителните станици не е забележано обојување на отпадните води“, се вели во соопштението од МЖСПП.

„Либерти Груп“ Скопје во септември минатата година беше казнет од страна на Државниот инспекторат за животна средина со глоба во висина од 100.000 евра поради хаваријата која оваа фирма ја предизвика, кога пукнала када од која се излеало поголемо количество отпадна вода која содржела железо и киселина, без соодветно да биде третирана во системот за отпадна вода.

Надлежните од Државниот инспекторат и од Министерството за животна средина велат дека, сепак, не треба да се прејудицира со обвинување на ниту еден од стопанските субјекти додека анализите не покажат што било причина за денешното загадување на Вардар.

Откако ќе бидат анализирани мострите би требало да се знае повеќе за тоа кој е причинител за загадувањето, велат надлежните. Според важечкиот Закон за животна средина, чијшто член 212 ж пропишува постапки на надлежните органи поврзани со посериозни еколошки прекршоци, меѓу другото е предвидена казна во висина од 100.000 евра во денарска противвредност за правното лице кое произведува и испушта загадувачки материи и супстанции во животната средина.

Поради зафатеноста со активности околу изборите денес не можеше да се добие одговор од надлежните од МЖСПП.