fbpx

Ван Хојте: Ја туркаше Катица и со велосипедот ги победи црните лимузини

-

Питер ван Хојте, белгискиот олеснувач со чие посредство работните групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА го договорија законот и името на специјалниот јавен обвинител, иако навидум благ и смирен, неколкупати покажа дека не е ниту случајно таму, ниту, пак, дека не располага со политичка и секаква друга „тежина“.

Ако се земат предвид и неофицијалните информации за неколку директни конфронтации дури и со Никола Тодоров и со Сашо Мијалков, тогаш е јасно дека „мирниот Белгиец“ е сè  – само не обичен посредник.

Сега, по сагата со специјалната обвинителка, се потврдува дека Ван Хојте е човекот кој на терен ја туркаше целата процедура и успешно – пред сè поради габаритот на оние во чие име „олеснувал“ – ја заврши временски прецизно и без скандали.

Ван Хојте, Белгиец по потекло, веднаш по доаѓањето во Скопје си купи велосипед и се одвои од преговарачите – пратеници и партиски функционери – кои во Клубот на пратениците во центарот на Скопје доаѓаа со обезбедување и со црни лимузини.

Откако по неколку средби кратко искоментира дека е задоволен од преговорите, веднаш се судри со македонската политичка реалност и пред неколку дена беше конкретен и на новинарите им соопшти дека една од најголемите политички партии не се придржува до она што е договорено и не почитува никакви крајни рокови. Покажа два листа хартија на кои на македонски и на англиски јазик беа испишани фразите „збор е збор“ и „отчетност“.

– Ние во Европа имаме систем на вредности и мислам дека земјите кои се кандидати за членки во Унијата, би требало да го почитуваат тој систем на вредности, од кој најважен е отчетноста. Ако има некакви сомневања за можна злоупотреба на моќта и за проневера на јавни средства, тоа треба да биде истражено и процесуирано независно од тоа за кого станува збор. Тоа е една од вредностите што очекуваме да се почитуваат и за кои се надеваме дека еден ден ќе бидат дел и од вашето општество – рече Ван Хојте.

Во средината на преговорите, „Вест“ пишуваше дека во една пригода Хојте дури морал да им се закани на партиските експерти дека ќе ги прекине разговорите ако претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски и Никола Тодоров, не ги остават на страна мобилните телефони и не се посветат сериозно на работата.

Предупредил дека веднаш ќе го извести премиерот Никола Груевски и американскиот амбасадор Џес Бејли дека преговарачите место сериозно да бидат ангажирани во наоѓање решенија за проблемите предвидени со договорот за решавање на политичката криза, си играат на мобилните телефони, потврдиле за „Вест“ партиски извори блиски до преговарачките тимови.

Порталот „Либертас“ напиша дека по изјавата на Ван Хојте дека една голема партија го кочи процесот за избор на специјален обвинител, Сашо Мијалков лично решил да се приклучи на тимот на ВМРО-ДПМНЕ и најверојатно да се обиде да ги расчисти работите.

„Нашите извори упатени во преговорите велат дека братучедот на премиерот веднаш на почетокот на завчерашната партија преговори почнал да му објаснува на олеснувачот Ван Хојте дека предлог-законот за специјален обвинител за кој водат преговори е неуставен. Ваквиот директен атак од поранешниот шеф на УБК, преговарачот Ван Хојте не можел дипломатски да го премолчи туку напротив, го повишил тонот и буквално пред сите останати од партиските тимови за преговори го построил. Откако Ван Хојте завршил, излегол од просторијата, а Мијалков навреден од тонот со кој му се обраќал Белгиецот, искоментирал – од каде вакво право странецот вака да разговара со нив. Присутните биле збунети и само му дофрлиле дека олеснувачот не разговара на ваков начин со нив, туку дека тоа првпат му се случува и се однесувало само за него“, напиша „Либертас“.

„Плусинфо“ вчера објави дека министерот за здравство, Никола Тодоров, кој бил главен преговарач во работните групи, бил предупреден, половина на шега, половина – вистина дека на неговиот шеф Груевски нема да му се допадне пресвртот во преговорите кога странците одлучиле да предложат сосема нов закон, во кој на специјалниот обвинител му се дава комплетна автономија.

Освен во работните групи кои преговараа за законот и за името на специјалниот јавен обвинител, Ван Хојте посредува и во работните групи за промена на изборниот закон, гласањето на дијаспората и прочистување на избирачкиот список. Досега работните групи под негово посредништво постигнаа договор за составот на Државната изборна комисија, која ќе биде формирана по формулата 3+3+3.

Ван Хојте се очекува да биде посредник и за другите точки од Договорот од Пржино и дека ќе го надгледува и имплементирањето на препораките од извештајот на Рајнхарт Прибе.

На белгискиот олсеснувач ова му е второ посредување во Македонија. Тој претходно беше посредник во ад-хок комисијата за расветлување на настаните во Собранието на 24 декември.

Во биографијата на Ван Хојте на „Линкдин“ пишува дека тој е меѓународен посредник, кој е дел од тимот за посредување на Обединети нации со фокус на политичко посредништво. Претходно бил генерален директор на Центарот за демократско и партиципативно владеење (ЦДПГ), како и специјален советник на шефот на мисијата на ОБСЕ во Косово и виш соработник за надворешен надзор на мисијата на ОБСЕ во Црна Гора.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...