Утре Отворен ден на УКИМ за идните студенти

На матурантите и идни студенти ќе им бидат презентирани студиските програми на факултетите, активностите на студентите и центрите за кариера

фото: Мета.мк

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје утре, на 27 април, ќе одржи Отворен ден. Секој од факултетите ќе ги отвори вратите за идните студенти во два термина – во 10 и во 12 часот.

Од УКИМ информираа дека на Отворениот ден ќе бидат презентирани студиските програми на факултетите, активностите на студентите и центрите за кариера, а матурантите ќе можат да се запознаат и со физичките капацитети – предавалните и лабораториите.

„Запознајте ги одблиску професорите и студентите, прашајте сè што ве интересира за студиските програми, можностите за стипендирање, слушнете ги искуствата на студентите, нивните активности и вклученост во научноистражувачките проекти, дознајте за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практикантството, за кариерните можности“, велат од УКИМ во најавата на Отворениот ден.