Уште се чека мислењето на Комисијата за заразни болести за наставата од 1 септември

Архивска фотографија | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Новата учебна година ќе започне со физичко присуство во училница, а има варијанта истата да започне и како комбинација од физичко присуство на децата во помали групи и онлајн настава. Трета опција е целосно наставата да се изведува од дома, преку компјутер.

Ваква одлука донеле надлежните во Министерството за образование и наука (МОН), која денеска се најде пред членовите на Комисијата за заразни болести, кои треба да дадат мислење за протоколите и за предложените модели на настава. Сепак, ќе се почека за нивната конечна одлука дали наставата ќе се одвива онлајн, во училница или комбинирано.

Додека надлежните ги усогласат и прецизираат нештата, на социјалните мрежи сè погласни се реакциите на родители кои велат дека нема да ги пуштат нивните деца на училиште.

Членовите на Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава во учебната 2020/2021 година“, доставија барање до Владата, министерствата за образование и за здравство, до УНИЦЕФ, Комисијата за заразни болести како и до други надлежни институции. Тие бараат да се донесе одлука за онлајн настава во училиштата за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од 1 до 5 одделение имајќи ја предвид, како што велат, возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи.

„Без исклучок да биде дадена можноста еден од родителите на децата до десетгодишна возраст да биде ослободен од работа или да има скратено работно време. Бараме, како платформа за изведба на онлајн учењето да биде било која интернет алатка која овозможува видео конференциска врска како Microsoft teams, Zoom, Google classroom и слични“, пишуваат родителите од оваа група на социјалната мрежа Фејсбук.

Понатаму тие прашуваат „Дали ќе биде тестиран наставниот и помошниот кадар пред отварањето на училиштата? Кој ќе ги сноси трошоците за ПЦР тестовите при евентуална зараза, каде според протоколите ќе треба да се тестираат сите контакти, цели одделенија и цели нивни семејства? Кој ќе ги сноси трошоците за квалитетни маски, препорачани од СЗО? Кој ќе ги сноси трошоците за квалитетни и безбедни (за деца) средства за дезинфекција, термометри, УВ лампи, редовни средства и сертифицирани сервиси за темелно чистење на просториите, после секој ден (кога ќе се спроведат јавните набавки за кои треба многу повеќе време од она преостанато пред почетокот на училишната година)? Кој ќе мери температура на влезот и кој ќе го контролира тој што мери? Кој ќе гарантира дека децата правилно ќе ги носат маските?“.

Министерството за здравство информира дека денеска не биле донесени заклучоци во однос на наставата и дека разговорите продолжуваат и во наредните денови, со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата.

„Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес, сепак финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука. Разговорите меѓу Комисијата за заразни болести и МОН продолжуваaт утре“, велат во МЗ.