УНЕСКО: Венеција да се додаде на листата на загрозени места на светско наследство

Овој италијански град е изложен на ризик од „неповратни“ штети предизвикани од  туризмот, прекумерниот развој и зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени, се вели во извештајот на УНЕСКО

Фото: 该图片由G.C.Pixabay上发布

Венеција треба да биде додадена на листата на загрозени места на светско наследство, соопшти Агенцијата за образование, наука култура на Обединетите нации УНЕСКО, пренесе Би-би-си.

Овој италијански град е изложен на ризик од „неповратни“ штети предизвикани од  туризмот, прекумерниот развој и зголемувањето на нивото на морето поради климатските промени, се вели во извештајот на УНЕСКО.

Агенцијата има за цел да поттикне подобро зачувување на оваа вредна локација во иднина. Од општината Венеција изјавиле дека „внимателно ќе го прочитаат“ предлогот, а дека потоа ќе се разговара со италијанската влада, пренесува Ројтерс.

Венеција е позната како „La Serenissima“, што во превод значи „многу спокојно“ – но тој прекар, како што пишува Би-би-си, повеќе не ѝ одговара на Венеција.

Извештајот на УНЕСКО ги обвинува италијанските власти за „недостаток на стратешка визија“ за решавање на проблемите со кои се соочува еден од најживописните италијански градови.

Тоа, според Би-би-Си, е удар за властите, кон кои е вперен прстот, бидејќи не го заштитиле историскиот град и околната лагуна.

Но, еден од поранешните градоначалници на Венеција го обвини УНЕСКО дека е „едно од најскапите и најнекорисните тела на земјата“.

Масимо Качари рече дека УНЕСКО донесува „пресуди без знаење“ и „дава мислења лево и десно, па најдобро би било да се игнорираат“.

„Тие не ни даваат никакво финансирање за да направиме промени, сè што прават е критикување… Како на Венеција да ѝ треба УНЕСКО да биде светско наследство! Ни треба повеќе акција и помалку зборови“, вели Качари за Би-би-си.

Инаку, вклучувањето на Венеција во списокот на загрозени места веќе беше предложено од УНЕСКО пред две години, но во последен момент беше повлечено поради извесни вонредни мерки донесени од италијанската влада. Една од тие мерки беше одлуката за забрана на големи бродови – како што се бродовите за крстарење – во каналот Сан Марко, како и ветувањето дека ќе започне амбициозен план за зачувување на градот.

Глобалното затоплување има штетни влијанија, предизвикувајќи зголемување на нивото на морето, па затоа Венеција, која е опкружена со вода, е исклучително „ранлива“ на поплави. Згора на ова, околу 28 милиони туристи ја посетуваат Венеција секоја година. Ова води кон сè повеќе и повеќе проекти за урбана експанзија, што пак, според УНЕСКО, му штети на градот.

Меѓу другото, УНЕСКО смета дека високите згради можат да имаат „значително лош визуелен впечаток и влијание“ врз градот и треба да се градат подалеку од центарот.