Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е рангиран на 657 место меѓу 4.364 универзитети на „SCImago Institution Rankings“ листата за 2022 година, објавена на почетокот на годинава. Оваа позиција УКИМ ја дели заедно со уште 19 други универзитети од светот.
Ранг-листата ги класифицира академските институции кои се занимаваат со истражување, рангирани според индикатор кој комбинира анализи на резултати од истражувањата, иновациите и општественото влијание мерено според нивната видливост на интернет.
Листата објавува севкупно рангирање на институции, како и одделно според индикаторите кои ги анализра ранг-листата.
Од УКИМ велат дека ги радува податокот што кај сите три индикатори – влијанието преку истражувачки резултати, влијанието преку иновации и општественото влијание, се забележува тренд на подобрување.
Од аспект на вкупно рангирање на 4.364 универзитети за 2022 година, УКИМ се најде на 657 место, што претставува подобрување од 727 место на кое се најде во 2021 година и 743 место од 2020 година.
„Според тоа, УКИМ е рангиран помеѓу првите 38% од рангираните светски универзитети, односно во 23% од рангираните универзитети во Источна Европа, како и на прво место во Република Северна Македонија“, велат од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Меѓутоа, 657-то место на листата го делат вкупно 20 универзитети. Иако листата рангира 6.364 универзитети, најниско рангираниот – Компјутерскиот универзитет на Индонезија, се наоѓа на 808 место.
Научните резултати кај секој универзитет се анализирани во 19 научни области дефинирани според рангирањето. За една институција да има присуство во одредена научна област, потребно е таа во последната година да надмине минимален праг на постигнати и објавени научни трудови, односно најмалку 100 дела во базата на податоци „Scopus“. Станува збор за база на податоци од апстракти и цитати за рецензирана литература која вклучува научни списанија, книги и зборници од конференции.
УКИМ е рангиран во сите 19 научни области. Највисоко рангиран е во областа Ветерина, каде се најде на 342 место во светот и на 18 место во регионот на Источна Европа. Во научната област Енергија се најде на 439 место, додека во областа на Наука за околината е на 504 место.
„SCImago Institutions Rankings“ е сервис за рангирање на високообразовни и истражувачки институции во светот, кој рангирањето го базира на истражувачките резултати од базата „Scopus“ нa „Elsevier“.
Доколку се провери на интернет, може да се забележи дека за резултатите од ова рангирање најчесто се пишува на арапски, азиски и африкански портали. И покрај тоа што американските и британските универзитети се рангирани на врвот, медиумите речиси и да не пишуваат за овој нивен „успех“.
Инаку, УКИМ неколку години по ред тоне на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот што ја издава Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR). На рангирањето за академската 2022/23 година УКИМ се наоѓа на 1.964 место, односно бележи пад за дваесет места во однос на претходната академска година. УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата на CWUR. Универзитетите од Северна Македонија, пак, никако не можат да стигнат до реномираната Шангајска листа која ги рангира најдобрите 1.000 универзитети во светот.