До крајот на оваа недела, Управата за јавни приходи ќе ги објави насоките со кои ќе се знае како ќе се вршат пресметките за исплаќање надомест за хонорарите поголеми од 9.590 денари.

Како што објави „Мета“, испративме прашања до Министерството за труд и социјална политика за тоа дали навистина има известување во кое се бара да не исплаќаат хонорари поголеми од 9.590 денари сè додека на интернет-страницата на ПИОМ не биде објавено известување за тоа како ќе се вршат пресметките.

Само кусо ни одговорија: „имате погрешна информација“.

Телефонски побаравме објаснување за тоа која информација ни е погрешна и добивме одговор дека немало никакви известувања од ПИОМ, но на прашањето дали реалната ситуација е таква и дали навистина ќе доцнат хонорарите, портпаролот Маријан Гиовски ни кажа дека е „во гужва“ и дека „ќе нè бара подоцна“. Одговор сè уште немаме.

Од ПИОМ, пак, ни одговорија дека треба да се обратиме во УЈП, од каде ни рекоа дека до крајот на неделава ќе бидат објавени насоките.