Екстерно: Истокот комплетно се тестира, западот делумно бојкотира

Генералниот штрајк на просветните работници трае, а членовите на СОНК не учествуваат во екстерното тестирање, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.

– Штрајк има во цела Македонија. Ние одиме на работа, но не ги извршуваме работните обврски. Колегите кои се членови на СОНК се во штрајк и тие, аналогно на тоа, нема да учествуваат во екстерното тестирање. Се знае чии се надлежностите за екстерните тестови, се знае кој ги спроведува. Во оние училишта што се во штрајк, екстерно нема, односно некаде има, таму кадешто се носат заменски наставници од некои други училишта или внатрешно, ако има членови кои не штрајкуваат и тие го спроведуваат екстерното. Шарено е во цела земја – вели Неделков.

За соопштението на Државниот испитен центар, во кое се вели дека штрајкот е наводен и го организира претседателот и потесното раководство на синдикалната организација, Неделков рече дека тие не гледаат подалеку од своите канцеларии.

Стотина средношколци кои следат настава на албански јазик, денеска маршираа на мирент протест против екстерното тестрање на плоштадот во Тетово. Протестот го организираа средношколците од тетовската гимназија, а во него се вклучија и ученици од медицинското и од економското училиште. Екстерното тестирање нанесува големи штети и на професорите и на учениците, велат учесниците на протестот, пренесе  „Телма“. Есктерното тестирање, поради штрајкот на СОНК, не се спроведе кај учениците од албански наставен јазик во тетовската гимназија, во медицинското училиште и во економското училиште. Екстерно денеска целосно се реализираше само во текстилното и во земјоделскот училиште во Тетово.

Во Источна Македонија, без исклучок, екстерното тестирање во основните и во средните училишта во сите 11 општини се спроведува нормално. Наставниците и професорите редовно изведуваат настава и не се во штрајк. Само шестмина од регионалното раководство на СОНК не држат настава. Тие се и единствените штрајкувачи во Источна Македонија. За нив училиштата обезбедиле заменски настаници.

Источна Македонија е редок пример на речиси комплетно игнорирање на штрајкот што веќе шести ден го оргазнира СОНК. Сите 11 општини се раководени од градоначалници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои пред почетокот на штрајкот, заедно со директорите на училиштата, јавна објавија дека во училишатата нормално ќе се работи.

И во Битола штрајкот продолжува, а екстерното го изведуваат заменски наставници кои не се избрани на наставнички совети да го вршат тестирањето. По целосниот бојкот на екстерното тестирање вчера, во средното техничко училиште во Битола, утрово на тестирање влегле само пет ученици.