Ученици од различни школи преку наставата во природа осознаваат растенија и инсекти [галерија]

Основци и средношколци можат да излезат од училница и да ја доживеат природата, да научат нешто повеќе за материјалот по биологија или географија, да ги испитаат законите на хемијата и физиката под ведро небо и да осознаат што значат климатските промени и колкаво е нивното влијание врз околината во која живееме

Фото: Македонско еколошко друштво

Да се истражува во природа, да се собираат растенија, инсекти, почва и други материјали, кои потоа се анализираат и се изведуваат заклучоци е начинот на учење што го овозможува Мрежата на искуствено учење, која ја организира Македонското еколошко друштво (МЕД) заедно со неколку институции. Основци и средношколци можат да излезат од училница и да ја доживеат природата, да научат нешто повеќе за материјалот по биологија или географија, да ги испитаат законите на хемијата и физиката под ведро небо и да осознаат што значат климатските промени и колкаво е нивното влијание врз околината во која живееме.

Шестоодделеници од основното училиште „Св. Климент Охридски“ од Македонски Брод и нивната професорка по природни науки Јанинка Костадиновска, го посетиле Националниот парк „Галичица“, истражувале и собирале растенија, животни и инсекти, а мереле и обем на дрво. Добиле алатки, мрежички и мали теглички за да ги соберат материјалите. Набљудувале птици со двоглед, откривале живеалишта и ја посетиле лабораторијата на паркот. Гледале под микроскоп и се запознале со лабораториската опрема и инструменти, а слушнале и предавање од вработените во паркот.

„Изненадена сум од интересот и позитивните реакции на учениците, но и на нивните родители. Ми се јавуваа да ми кажат дека децата со денови зборуваат само за посетата на паркот, колку било интересно и да прашаат кога ќе одат пак,“ раскажува професорката Костадиновска.

Таа вели дека овие деца се од Самоков и дека растат во близина на природа, но и покрај тоа е очигледно дека им недостасувало учење на отворено, допир со околината и промена на секојдневието во училница.

Покрај Националниот парк „Галичица“, дел од Мрежата се и Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет, Хидробиолошкиот завод во Охрид, Народна техника во Скопје и Едукативниот центар за заштита на природата во село Негрево.

Во Ботаничката градина веќе се организирани две, а закажани се уште четири нови работилници на кои децата ќе учат за фотосинтеза и размножување кај растенијата, во зависност од возраста. Ангела Иванова, биолог од Ботаничката градина вели дека на секоја работилница децата работат самостојно и треба да исполнат одредена задача.

„Најчесто гледаат под бинокулар или микроскоп, а претходно ги подготвуваат микроскопските препарати, прават пресеци на растенијата и учат низ тој процес. Предавањата се прилагодени на училишната програма, но секогаш има нешто ново да се додаде. Секогаш се трудиме да направиме проверка на тоа што научиле и организираме игри и натпревари на тимови“, вели Иванова.

Светлана Пејовиќ од Македонското еколошко друштво вели дека Мрежата за искуствено учење е посветена на промоција на природните науки преку методите на искуствено учење и едуцира за одговорноста во заштитата на животната средина, придонесувајќи кон подобрување на формалното образование во земјата.

Таа им отвора можности на учениците и наставниците, директно на терен или во современо опремени лаборатории, да се запознаат со постоечкиот биодиверзитет, со специфичните живеалишта за одредени подрачја, да се запознаат со нивната важност и со тоа како климатските промени влијаат врз нивниот опстанок. Целта е кај младите да се развие поголема свесност за зачувување на природата и заштита на животната средина, како и повисока одговорност за сите наши постапки во секојдневието кои влијаат за влошување на климатските промени.

На работилниците можат да учествуваат максимум 30 ученици од иста или приближна возраст. Од МЕД сметаат дека директното учество во едно истражување или самостојното изведување одреден експеримент ги охрабрува учениците да прашуваат, со што се поттикнува љубопитноста кај нив.

„Во текот на три-четири часовно истражување на одредена област, тема или проблематика, која е предизвик или потешко може да ја совладаат за време на секојдневната настава во училиште, учениците имаат можност преку истражување полесно да ги разберат процесите, да дојдат до одговорите на неодговорените прашања, да научат уште повеќе и да навлезат во убавините на научно-истражувачаката работа“, вели Пејовиќ.