Третото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 24 до 28 септември

Ќе гостуваат поети од Данска, од Малта, од Франција/Сирија, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и над 50 домашни поети

Фото: Скопски поетски фестивал

Третото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот 24 до 28 септември на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.

Ќе гостуваат поети од Данска, од Малта, од Франција/Сирија, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и над 50 домашни поети.

Официјалното отворање е закажано за 27 септември во 20 часот во МКЦ со настанот наречен „Воздух. Ветер. Дишење.“

Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, изложба на фотографии, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе има музички концерт, мастерклас или работилница за креативно пишување поезија, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство и јога во природа со поетска медитација.

Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и Бест Вестерн Хотел Турист.