Тренчевска: Предизвикот со родово-базираното насилство врз жените е длабоко социјален, културолошки и општествен

фото: Министерство за труд и социјална политика

Предизвикот со родово-базираното насилство врз жените не е само личен, ниту пак релациски предизвик. Тој е длабоко социјален, културолошки и општествен и затоа бара комплексни решенија, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во своето обраќање на завршната конференција „Грижи се машки – од свесност до вклученост“ во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.

Тренчевска посочи дека министерството во соработка со ХЕРА продолжува да ги мапира предизвиците и да работи на одговор на истите со брзи и системски решенија.

„Предизвикот е одамна мапиран и првиот чекор е веќе направен во 2017 година кога беше ратификувана Истанбулската конвенција и со таа постапка веќе бевме сигурни дека промените ќе започнат да се случуваат“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека, за да се спречи секаков вид на насилство, потребна е рехабилитација, едукација и поддршка, како на жртвата, така и на сторителите на насилството.

Тренчевска истакна дека десетте воспоставени специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и осумте советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство се чекор кон поинакво утре и дека ова е начинот на кој може да се заштити жртвата од повторни напади. Министерката додаде дека е очигледна и потребата што повеќе да се работи на превенција на насилството, како и поголемо вклучување на мажите и момчињата во борбата против родово-базираното насилство.

„Наша заложба како Министерство е унапредување на човековите права, еднаквост и борба  против секаков вид на насилство. Важна е соработката и градењето на партнерство со невладиниот сектор, здруженијата на граѓани преку која заедно се развива и подобрува националниот одговор во борбата против родово базираното насилство“, истакна Тренчевска.

На настанот, покрај министерката и директорот на ХЕРАа, Бојан Јовановски, се обратија и Харалд Фугер, аташе за Северна Македонија на австриското Министерство за социјални прашања, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, Тања Иванова, претседателка на „Реактор“ и Ели Скамбор, директорка на Здружението за машки и родови прашања „Стирија“.