fbpx

Теориите на заговор за адренохром не ја поштедија ни Селин Дион

Oсвен во филмовите и во книгите, нема научни поткрепи за тоа дека адренохромот е еликсир на младоста. Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето.

-

Нема никакви докази дека Селин Дион консумира адренохром, ниту пак, дека многу познати личности го користат за да останат млади. Супстанцата е „еликсир на младоста“ само во теориите на заговор. Всушност, станува збор за синтетичка супстанца која се добива во лабораторија  и се користи како хемостатик за лекување на загубата на крв. Теоријата на заговор за екстракција на адренохром од деца, е актуелна од поддржувачите на Кју движењето во САД години наназад. Никогаш со докази не е потврдено дека постои таква пракса, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Скандал на француска телевизија – експерт за славни личности одеднаш почнува да разговара за Селин Дион и нејзината наводна зависност од адренохром.

Во текстот се цитира Жерар Фауре кој кажал дека многу познати личности користат адренохром за да останат млади, коментирајќи ја сообраќајката на Пјер Палмаде.

Откако објасни дека Палмаде во голема мера користел кокаин заедно со МДМА и амфетамин, Фауре рече дека можеби е адренохром – изјава што одеднаш го промени расположението во тв студиото. Фауре понатаму објасни дека неколку познати личности редовно конзумираат адрнеохром и ја наведе Селин Дион како одличен пример, се вели во текстот прикажан со неколку принтскринови во постот што го рецензираме.

Самото гостување на Жерар Фауре во оваа емисија, веќе е предмет на рецензии на проверувачи на факти во Франција кои го нарекуваат „дилер на ѕвездите“ и „ѕвезда на теориите на заговор“. Критиките се за тоа што Фауре пред два милиона гледачи без никакви докази кажал дека „можеби  вечерта кога комичарот направил сообраќајка имало приказна со адренохром“.

Гостинот, следач и промотор на теории на заговор, навистина во емисијата без докази го презентирал како да е „факт“ постоењето на „трговија со деца од кои се одзема супстанца наречена адренохром од нивната крв за да ја консумираат славни личности“. Жерар Фауре ја обвини и Селин Дион  за таква пракса.

Француските медиуми исклучително го критикуваа фактот што на шоуто не само што беше дозволено споделување на неосновани и небазирани во факти сериозни обвинувања, туку тие не беа дебанкирани, ниту пак, кон нив беше пристапено со резерва. Напротив, дел од водителите ја одобрувале оваа реторика која им донела голем број на гледачи, а единствената ограда од изнесените невистини бил банерот кој одел на екранот дека „зборовите на гостинот се негови“.

Критиките стигнаа подоцна од проверувачите на факти и од јавноста на Франција односно од публиката. Проверувачите на факти на Франс прес пишуваат:

Жерар Фауре потоа продолжи во живо да кажува дека адренохром е детска крв, којашто е екстрахирана од тригодишни деца и дека тој испратил жена во психијатриска болница зашто сакала да си ја продаде ќерката на лабораторија за адренохром. Водителите не го прекинуваа во неговото излагање, освен кога почна да ги набројува по име тие што би го користеле, според него, како на пример Селин Дион.

Теоријата на заговор за екстракција на адренохром од деца, е актуелна од поддржувачите на Кју движењето во САД години наназад. Никогаш со докази не е потврдено дека постои таква пракса. Според оваа теорија на заговор, адренохромот е супстанца која е еликсир на младоста и мора да се извлече од жив организам, а потоа жртвата да почине. Така, се тврди дека богати луѓе и елитисти ширум светот, киднапираат и мачат деца за да го земат адренохромот од нивните тела додека се живи, а потоа го консумираат за да останат млади.

Но, адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови деривати за лекување на загубата на крв како хемостатик. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите.

Како што потенцираат проверувачи на факти од Грција, адренохромот е достапен за истражувачите во синтетичка форма. Според нив, идејата дека супстанцата мора да се извлече од жив организам за да има својства против стареење, освен што нема научна основа, се базира на филмот  „Страв и омраза во Лас Вегас”, во кој еден од протагонистите продава адренохром и вели дека за да има ефект адренохромот мора да се извади од жив човек.

Сепак, освен во филмовите и во книгите, нема научни поткрепи за тоа дека адренохромот е еликсир на младоста. Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува адренохромот со подмладувањето.

Кју теоретичарите на заговор, одат дотаму што велат дека либералната елита и холивудските ѕвезди конзумираат адренохром за да останат млади, повторно пласирајќи дезинформација без основа.

Иако адренохромот не е измислен, туку е состојка која што се добива со оксидација на адреналин, сепак не е точно дека деца се киднапирани за да се добие оваа состојка од нивната крв. Адренохром нашироко се употребува за да се намали загубата на крв кај отворени рани и повеќето продавачи
потенцираат дека е синтетички.

На американски сајтови може да се купат вијали адренохром, исклучиво за научно истражување, за околу 1.000 долари за 5 милиграми. Продавачите потенцираат дека производот може да биде токсичен ако се проголта, ако биде во контакт со кожата или ако се вдише.

Санта Круз Биотехнолоџи, фирма во Калифорнија, продава синтетички адренохром за 55 долари за 25 милиграми.

Сите продажби се за лаборатории кои имаат сертификати да ја купуваат оваа хемиска состојка. Како што пишуваат странски проверувачи на факти, да се извлече адренохром од живо човечко битие, би претставувало многу комплицирана процедура, со многу чекори за прочистување и операции.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека постот што го рецензираме  е невистинит. Тоа што куп невистини биле искажани јавно на телевизија пред 2 милиони гледачи, не ја прави неточната информација – вистина. Нема никакви докази дека Селин Дион консумира адренохром, ниту пак, дека многу познати личности користат адренохром за да останат млади. Всушност, супстанцата е еликсир на младоста само во теориите на заговор додека во реалноста, станува збор за синтетичка супстанца која е лесно достапна, се добива во лабораторија и нема потреба за нејзиното добивање да се „мачат деца“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хеликоптер во кој патувал иранскиот претседател претрпи „тешко слетување“

Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиши претрпел „тешко слетување“, пишува Би-би-си. Министерот за внатрешни работи кажува дека спасувачите сé уште се обидуваат да стигнат до местото на несреќата поради тешките...