Фондацијата Метаморфозис објавува CTRLZ предизвик за млади – Конкурс за најдобро видео на тема „климатски промени“. Право на учество на конкурсот имаат сите млади лица на возраст од 14 до 29 години.
Учесниците на конкурсот треба да создадат кратко видео на тема „климатски промени“ во кое ќе го прикажат влијанието на климатските промени врз природата и околината или пак ќе упатат порака до младите за промена на нивните секојдневни навики со цел ублажување на климатските промени.
За повеќе идеи, авторите можат да го погледнат тагот „климатски промени“ каде се наоѓаат сите написи на темата кои Новинската агенција „Мета.мк“ ги објави изминатиов период.
Видеото не треба да биде подолго од четири минути, а јазикот на видеото (доколку нешто се зборува или пишува) може да биде македонски, албански или англиски. Ќе се прифаќаат и содржини во кои не мора да има говор или текст, односно пораката може да биде пренесена преку она што се прикажува во видеото.
Видеото може да биде снимено со каква било камера, мобилен телефон или друг уред.
Во случај да се користат материјали кои не се авторски, задолжително е тие да се со отворена лиценца, односно да се слободни за бесплатно користење. Забрането е користење материјали заштитени со авторски права или плагијаторство во апликациите.
Секој автор може да учествува со најмногу едно видео. Видеата се испраќаат на адресата [email protected] со назнака ВИДЕО КОНКУРС. Поради ограничувањата, поголемите видеа можат да бидат испратени преку некоја од платформите за споделување големи податоци (како „WeTransfer“). Во пораката задолжително треба да бидат наведени податоците за авторот – име, презиме, датум на раѓање, телефонски број, како и линкови до неговиот/нејзиниот профил на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук.
Видета ќе ги оценува тричлена комисија составена од новинари и претставници на Британската амбасада во Скопје. Најмногу ќе се вреднува идејата, креативноста при изработката и силината на пораката на доставените содржини.
Победничките видеа ќе бидат објавени на каналите на Фондација Метаморфозис.
За победниците на Конкурсот се обезбедени награди:
Прво место – ваучер за ИТ опрема во вредност од 15.000 денари;
Второ место – ваучер за ИТ опрема во вредност од 6.000 денари;
Трето место – ваучер за ИТ опрема во вредност од 3.000 денари.
Видео- конкурсот е отворен од 4 до 28 март, а победникот ќе биде прогласен во април.