„Студентски пленум“ реагираше на донесувањето на Законот за високо образование. Тие на својата фејсбук-страница напишаа дека со тоа е погребана автономијата на универзитетите и идејата дека студентите се дел од ова општество.
„Универзитетот е на студентите, постои и се развива заради нив. Штотуку донесовте закон кој не само што ја погребува автономијата и самите универзитети, туку и идејата дека студентите се дел од ова општество. Ние сме иднината на Македонија, а вие денес ни го уништивте патот по кој ние треба да се издигнеме како граѓани.
Но, нема да ви дозволиме и не се откажуваме. Ја докажавме нашата чиста цел и одново ќе ја чуете, зашто студентите не стивнуваат!
Чувствуваме граѓанска одговорност да ја заштитиме слободната мисла. Авторитетите не смеат да бидат апсолутни и затоа: Ќе бојкотираме, ќе блокираме, ќе окупираме“, пишува на фејсбук-страницата на „Студентски пленум“.