Премиерот Никола Груевски во интервјуто за телевизија „Сител“ најави изградба на нов студентски дом, што од „Студентски пленум“ го оценуваат како популистичка мерка, додавајќи дека е трагично што студентите мора да чекаат реакција од Владата само кога нивните животи се загрозени.
Од Министерството за образование и наука кратко ни одговорија дека во наредните денови ќе се разработат деталите за изградба, финансиите и локацијата на новиот студентски дом, па кога проектот ќе биде готов, ќе излезат во јавност со повеќе информации.
За реновираниот блок Б на студентскиот дом „Гоце Делчев“, за кој од МОН велат дека градежните работи се завршени, останува само да се опреми, по што ќе биде вселив до крајот на ноември, по што ќе почне реконструкцијата на другите блокови.
– Јасно е дека ветувањата од оваа Влада се само начин да се замагли нејзиниот игнорантен однос кон студентите и трагично е што мораме да чекаме животот на студентите да биде ризикуван за воопшто да се отвори прашањето за студентските домови. Конкретно, во овој случај, ветувањето за реновирање на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и изградба на нов студентски дом е само доказ на „реакционерската политика“ на Владата, која дава ветувања пред избори кои никогаш не се исполнуваат, па затоа ставот на „Студентскиот пленум“ е дека ние, студентите, не чекаме избори – вели Борис Јордановски од „Студентски пленум“.
Премиерот Груевски во интервјуто рече дека Владата интерно има донесено одлука за изградба на нов студентски дом, во кој ќе може да се сместат меѓу 500 и 1.000 лица.
– Имавме одредени реновирања во „Кузман“, по нешто и во „Гоце Делчев“. Но, она што е клучно е дека планираме да почнеме подготовки за градба на нов студенстки дом, во кој би се сместиле меѓу 500 и 1.000 лица, зависно од потребите. Размислуваме за локацијата. Разгледуваме варијанти во Центар, Гази Баба, Ѓорче Петров, можеби и некоја четврта локација. Во наредните десетина дена би требало да ја одредиме точната локација – рече премиерот Груевски.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „Проверено“, стои дека до 2016 година целиот студентски дом треба да биде комплетно саниран.