Студентската дружба и ковидот: Ми недостасува макијатото од „Рандеву“ и тремата пред полагање испити

Photo by Brooke Cagle on Unsplash

Kaко изгледа студентскиот живот во време на пандемија? Што е она што најмногу им недостасува на студентите, имајќи предвид дека наставата сè уште во добар дел се изведува на далечина? Дали „живнаа“ студентските домови, со оглед на тоа дека од оваа академска година во нив има станари? На овие прашања, Мета.мк побара одговори од Ева и Мимоза, студентки на најстариот и најголем универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Психолози, но и професори досега многупати посочуваа дека социјализацијата и дружењето се многу важни за развојот на младите личности, а кои поради пандемијата во изминативе години се сведени на минимум.

Ева Цветковска, студентка на Правен факултет и претстедателка на Универзитетското студентско собрание при УКИМ (лична архива)

– Јас студирам на правни студии на Правниот факултет. Бидејќи сме многу колеги на број, следиме настава онлајн. Ова што го имаме сега не е доволно за да можам да кажам дека се вратил животот во нормала. На некои факултети се дозволи настава со физичко присуство за помалите групи, но можам да кажам дека го нема студентскиот дух. На факултетите каде што студентите се дружат, има посилна студентска борба. Од сите универзитетски собранија, најактивно е на Факултетот за електротехника и информациски технологии, тие имаат вежби, задачи, се дружат, таму се поактивни студентите. На другите факултети, замрено е – вели Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при УКИМ.

На Факултетот за информатички технологии и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) студентите учат онлајн. На некои факултети, каде што групите се помали, се учи со физичко присуство, а таков е случајот на Правен факултет на студиите по политички науки и на студиите по новинарство. Сепак, правниците следат предавања од дома.

– Единствен начин е да се соработува со Министерството за здравство, да ни обезбедат тестови, да се види стапка на вакцинација меѓу студентите, па ако има доволен број вакцинирани, да можеме да се вратиме во предавалниците и амфитеатрите – додава Цветковска.

Ми фали запознавањето нови луѓе 

Во однос на студентските забави, таа вели дека веќе почнале да се организираат студентски журки по кафулиња, на кои имало многу студенти.

– Факултетските студентски собранија организираат студентски журки. На Економски факултет имаше две вакци забави. Исто така организираа и патување со туристичка агенција за Турција за 100 евра. Колку толку, студентите живнуваат – додава таа.

На Ева најмногу ѝ недостасува дружбата и запознавањето нови луѓе.

– Јас ги имам сите испити ислушано. Студентите што се сега прва година, како и оние кои се сега втора година, се немаат запознаено со своите колеги и тоа е тажно. Дружбата е таа која мотивира, студентското движење за жал, е целото замрено, студентите не се чувствуваат како студенти и реално го немаат почувствувано студентскиот живот. Позитивно е што годинава барем се наполнија студентските домови – вели Цветковска.

Ова треба да е најубав период од животот

За тоа, каков е животот на станарите во студентските домови, поразговаравме со Мимоза Серафимовска од Тетово, студентка на Медицинскиот факултет. Таа е претставник на студентите во универзитетскиот Сенат. Мимоза е станарка во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Мимоза Серафимовска, студентка на Медицински факултет и претставничка на студентите во универзитетскиот Сенат (лична архива)

– Студентскиот живот за време на пандемија изгледа многу поразлично од тоа на кое што бевме навикнати. Студентските денови се најубав период од животот на секој студент, поради можноста за запознавање со нови и интересни луѓе, а самата пандемија го спречува тоа. Во нормални услови, наместо само здодевно листање книги и полагање испити, постоеше и социјален аспект од студирањето: дружба со колегите на пауза помеѓу предавања, заедничко учење во читални и кафулиња и чувство на припадност кон едно општество кое ги доживува истите студентски маки. Денес, за разлика од тоа, се потпираме на социјални медиуми и други средства за онлајн комуникација што ни овозможува да ги завршиме факултетските обврски, но нè спречува да ги видиме насмевките (или солзите) – вели Мимоза.

Го нема муабетењето пред амфитеатар после интересно предавање 

Предавањата на Медицински факултет се одржуваат онлајн, а вежбите најчесто со физичко присуство. За неа најважни се вежбите, поради фактот што изучувањето на медицината како наука бара примена на практични вештини. Вежбите се одржуваат со почитување на сите протоколи.

– Најмногу ми недостасуваат дружбите со колегите, посебно после предавањата и вежбите. Ми недостасува макијатото од „Рандеву“, групното „грицкање нокти“ пред испити, делумно успешните обиди за преслушување на материјалот со колегите и испушените цигари пред амфитеатар после интересно предавање. Особено фали постоењето на организиран дневен план и комбинацијата од замор и исполнетост по напорен, но и успешен ден на факултет – додава Серафимовска.

Таа годинава прв пат е станарка во студентски дом.

– Животот во студентските домови не е замрен, има дружби, но постои и голема претпазливост. Социјализирањето и дружбите се одржуваат со помал број присутни лица, а се почитуваат и другите мерки. За мене воопшто не е тешко да живеам во дом по протоколи со носење маска и дезинфекција, поради тоа што сметам дека сите ние како граѓани треба да сме свесни и совесни – вели Мимоза.