Студенти по архитектура ќе го дизајнираат идниот Студентски културен центар во Скопје

Photo by Pixabay from Pexels

Студентите на Архитектонскиот факултет се поканети на учество на Конкурсот за изработка на идејно архитектонско решение и ентериерно уредување на идниот Студентски културен центар за студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Локацијата на центарот е замислено да биде во Палатата Кузман во центарот на Скопје.

Право на учество на Конкурсот имаат студентите на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Тимовите ги оформуваат студенти од архитектонскиот факултет, со тоа што можат да бидат мултидисциплинарни, односно, во нив да учествуваат студенти од било кој факултет при УКИМ, кој во изработката на комплетното идејно решение може да ја најде својата примена, информираат од Архитектонскиот факултет при УКИМ.

Во описот на конкурсната задача се наведува дека идниот простор треба да вдоми две содржини – Канцеларија за работа на Универзитетското студентско собрание и Студентскиот правобранител, како и Студентскиот културен центар – мултуфункционален простор во кој би се наоѓале бифе и простор каде ќе се одвиваат настаните и програмата предвидена според програмата на центарот.

За оценување на пристигнатите конкурсни трудови на студентите ќе одлучува комисијата во состав: проф. д-р Огнен Марина – Архитектонски факултет Скопје, вонр. проф д-р Бојан Каранаков – Архитектонски факултет Скопје, проф. д-р Ана Тромбева – Гаврилоска – Архитектонски факултет Скопје, Ева Цветковска, Наташа Николовска и Филип Србиноски.

Критериумите по кои ќе се оценуваат пристигнатите трудови се: Функционалност и конструктивна логика на предложеното решение; современост на архитектонскиот израз; изводливост на предложеното решение; економичност на предложеното решение; и jасност и комплетност на прилозите.

За најдобрите идејно архитектонски решенија на идниот Студентски културен центар, предвидени се три награди: прва награда од 500 евра, втора награда од 300 евра и трета награда од 200 евра. Студентите во тимови или како поединци може да учествуваат со само едно решение, а конкурсните решенија треба да ги испратат најдоцна до 15 јули.

Учесниците на Конкурсот треба да креираат меил адреса специјално за поднесување на прилозите од Конкурсот [email protected] (каде XXXXXXXX е шифрата на поднесениот труд) и од таа меил адреса да ги испратат своите предлози на адресата [email protected].