На вчерашната седница на Советот на општина Охрид, беше повлечена предлог-одлуката за легализација на седум бесправно изградени објекти во автокампот „Градиште“. Вршителот на должност градоначалник на општина Охрид, Константин Георгиески истакна дека, причина за ваквиот потег е разрешувањето на досегашната Комисија за денационализација и формирањето на нова од страна на владата, од која ќе се чека мислење поврзано со повлечената предлог одлука.

– Иако стручните служби солидно ја подготвиле информацијата за легализација на објекти во авто кампот “Градиште“  и прибавени се позитивни мислења од сите институции, сметаме дека поради новиот состав кој треба да биде избран во Комисијата за денационализација, овие точки треба да ги повлечеме од седницата и да ги разгледуваме во периодот кога ќе прибавиме мислење од новите членови на комисијата – истакна Георгиески.

В.д. градоначалникот кажа дека во Општина Охрид во тек е ревизија на документацијата, но и начинот како се стигнувало до одредени одобренија за градба.

Во тоа се вклучени и спорниот објект во Лагадин, како и вклопувањето на бесправно изградени објекти кај автокампот „Градиште“, на што реагираа наследниците на имотот.

– Се ревидира дали се воопшто донесени тие планови легално и законски за да стасаме до тие одобренија за градба кои мора да ги издаваме. Кога ќе дојде инвеститор и побара одобрение за градба на постоечки план, јас како градоначалник сум должен да постапам по тоа барање – рече Георгиеска.

Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека и претходно и сега се соочуваат со проблем да не знаат какви објекти ќе се легализираат. Во иднина ќе бараат од општинската администрација и урбанизам слики од објектите за да знаат конкретно какви градби легализираат.

На 24-та седница на Советот на општина Охрид беа присутни и поголем број жители на Пештани кои претходно бараа повлекување на точката за легализација на бесправно изградените обејкти во Градиште.  Околу 100 семејства речиси  две децении водат правна битка за денационализација на имотите во АК Градиште или исплата на пазарана вредност