Стипендираме студенти во странство – имаат обврска, но не се враќаат назад

Иако државата им ги платила студиите за потоа да придонесат кон развој на Македонија, најголем дел од македонските студенти што на државна сметка дипломирале и магистрирале во странство, не работеле ниту еден ден во земјава. Одливот на мозоци изминатава деценија, државата го поддржала со милиони евра

Photo by Mantas Hesthaven on Unsplash

Голем дел од корисниците на стипендии за студирање во странство, и покрај обврската, останале да работат надвор од Северна Македонија. Ниту еден од студентите кој не се вратил во државава согласно договорот склучен за доделување на стипендијата, не ја вратил сумата предвидена во договорот. Министерството за образование и наука (МОН) не ја активирало потпишаната меница како гаранција за преземената обврска ниту еднаш, иако во последните 13 години за додипломски и постдипломски студии во странство на државна сметка се одвоени помеѓу 10 и 25 милиони евра.

Ова го покажуваат резултатите од Анализите на Независниот академски синдикат (НАкС) за исплатливоста на стипендирањето студенти на прв, втор и трет циклус студии на еден од првите 100 универзитети од Шангајската листа.

Државата преку МОН фрла пари за образување на кадри кои потоа, наместо во татковината, работат и придонесуваат за економски развој на други земји.

„Во последно време нема некој од политичарите кај нас да не ја истакнувал штетноста и последиците од одливот на младите од државава, таканаречениот ‘brain drain’, која како чума се надвисна над Македонија. За жал, ние, како ретко која земја во светот, во последните најмалку 10 години го поттикнуваме тој ‘brain drain’ и тоа со државни пари“, рече во своето воведно обраќање универзитетскиот професор Виктор Стефов, еден од авторите на анализата.

Конкурс за стипендирање на македонски студенти кои ќе се запишат на некој од најдобрите универзитети во светот, Министерството за образование објавува од 2010 година за постдипломски, односно од 2013 година за додипломски студии.

Сепак, во ниту еден закон не е определен „посебниот интерес“ на земјава за конкретни студии или градење на конкретен кадар како основа за доделување на стипендиите за студирање во странство. Во Правилникот за видот на студентските стипендии не е направено раздвојување на генералните и посебните критериуми, ниту пак се прецизирани критериумите, што би овозможило јасно рангирање на кандидатите.

Најголем дел од студентите што заминале да студираат во странство, иако имаат обврска по завршување на студиите да работат во Македонија најмалку две години, не го сториле тоа, ниту пак МОН направило напори да ги врати дома.

Чии туѓи економии и администрации ги развива Македонија со својот скромен буџет?

Анализата на НАкС содржи податоци добиени од МОН, иако авторите на публикацијата се пожалија дека министерството не ги доставило сите побарани информации. Во отсуство на официјални податоци, авторите биле принудени информациите за тоа каде работат студентите што ги стипендирала државата да ги бараат, како што рекоа, „детективски“ – преку социјални мрежи и професионални платформи како „LinkedIn“ и „ResearchGate“.

Од вкупно 61 стипендија за прв циклус студии во странство кои биле доделени во периодот помеѓу 2013 и 2016 година, и покрај обврската да се вратат и да работат во земјава, 41 студент, односно над 67 отсто, останале да работат во странство.

Најголем дел од студентите во овој период биле пратени на студии од прв циклус во Британија (вкупно 35 луѓе), а потоа во САД, ЕУ, Израел и Швајцарија.

„Чудно е што е пратен човек да студира во Израел. И чудно е што во Европа се пратени 9 лица, иако Европската унија е онаа кон којашто се стремиме како земја“, рече професорката Мимоза Ристова.

Дваесет и осум студенти биле пратени на студии од техничко-технолошкото подрачје, а од нив 11 на студии по информатички технологии (ИТ). Ова е уште еден спорен момент според академиците.

„Ние знаеме дека тука во Македонија создаваме толку многу кадри од компјутерски технологии, што повеќе од 80 отсто заминуваат надвор од земјава. А сме пратиле студенти да студираат во странство и сме очекувале дека ќе се вратат“, рече професорката Ристова.

Од сите 61 студент, само 11 се вратиле да работат во Македонија, додека за деветмина академиците немаат никаков податок.

Најголем дел од студентите што останале да работат во странство, за држава за живот и работа ја избрале Велика Британија – вкупно 18. Со други зборови, повеќе од половина од оние дипломци чии студии во Обединетото Кралство ги стипендирала Македонија, останале да работат во таа земја.

По Велика Британија, македонските студенти кои со државна помош студирале во странство, наместо да се вратат во татковината, избрале да работат во САД и Канада – вкупно 11, ЕУ – 5, Швајцарија – 4, но и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Албанија, Србија и Израел.

„Сме ги школувале и сме ги дале да создаваат капитални, економски и образовни вредности за други држави“, велат од НАкС.

За секој од 61-те стипендисти се трошело просечно по околу 40.000 евра годишно, што претставува околу 160.000 евра за четиригодишни студии за само еден студент. Според тоа, вкупниот износ на овие потрошени буџетски средства само во периодот помеѓу 2013 и 2017 година може да се процени на околу 2,5 милиони евра.

Со други зборови, ако 67 отсто од студентите не се вратиле да работат во Македонија, се добива бројка од 1,7 милиони евра – пари потрошени за економскиот развој на туѓи држави, додека домашните студенти и академската заедница биле осиромашени за тој износ.

За магистрите потрошени уште повеќе пари

Кога станува збор за постдипломски студии, во периодот од 2010 до 2021 година државата стипендирала вкупно 165 студенти. Од нив, речиси половина (80) избрале да студираат во Велика Британија, 54 во ЕУ, 17 во САД, 13 во Швајцарија и еден во Австралија.

Речиси половина магистри (47 отсто) на кои студиите во странство им ги платила Македонија, останале да работат во туѓи држави. Прва дестинација за работа за нив е ЕУ, во чии земји останале да работат 42 студенти. Во Британија останале 16, а во Швајцарија 9.

„79 се школувале на студии од области на општествените науки. Не ја знаеме причината, не можеме да истражиме во длабочина како биле одбрани овие луѓе и зошто толку многу се пратени“, рече професорката Ристова.

Грубата проценка на НАкС покажува дека за секој од постдипломците во текот на четиригодишните студии се трошело просечно по околу 36.000 евра, што сугерира дека за целата програма во периодот помеѓу 2010 и 2021 година биле потрошени околу 6 милиони евра. Ако се земе предвид податокот дека 47 отсто од овие пари биле потрошени за стипендирање студенти кои по завршувањето се вработиле во странски држави, а МОН не направил обид да ги врати според потпишаните договори, тогаш се добива дека 2,8 милиони евра биле потрошени за градење човечки ресурси и економски развој на други земји.

Штури информации за како да аплицираат студентите на овие конкурси

Во меѓувреме, процедура за начинот на враќање на парите нема во ниту еден подзаконски акт. Секој студент што добива ваква стипендија, потпишува меница, но нема процедура на кој начин ќе се активира меницата доколку студентот не се вработи така како што е дадено во конкурсот – 2 години да работи во земјава по завршување на студиите.

На прашањето што од НАкС го упатиле до МОН дали има случаи кога е активирана меницата, односно кога парите биле вратени, одговорот од министерството бил негативен. И покрај десетиците студенти што не одработиле ниту еден единствен ден во татковината, ниту еден не ги вратил парите.

Проблематично е и што стипендирањето на студентите го нема во Законот за високо образование, вели професорката Мирјана Најчевска. Таа забележува и оти критериумите за рангирање на студентите не се содржани во ниту еден закон или подзаконски акт.

„При ист број бодови на двајца студенти, стипендијата се доделува според повисокиот ранг на факултетот на кој аплицирал студентот. Повторно го немаме ‘особеното значење’ за Македонија. Рангирањето кој да оди, кој да добие стипендија, зависи само од факултетот на кој бил примен студентот, а не од она што значи потреба на државата и на бизнис заедницата“, рече професорката Најчевска.

Нема ниту критериум со кој може да се идентификуваат надарените и талентирани студенти.

„И покрај тоа што во Законот за високо образование стои дека ги поттикнуваме надарените студенти, нема такви критериуми. Наведени се 30-40 светски факултети како ‘доброрангирани’ и запишувањето на тие факултети е веројатно некој доказ за државата за надареноста на студентите“, додава Најчевска.

Спорно, според неа, е и што во конкурсот за доделување стипендии за студии во странство се вели дека „дополнителни информации за условите и критериумите под кои се доделуваат стипендиите може да се добијат во МОН“.

„Прашање е дали секој студент ја добива истата информација. Прашање е какви информации добиваат различни студенти и на кој начин може да се поведе жалбена постапка кога не се содржани сите информации во актите врз основа на кои конкурираат студентите“, вели Најчевска.

Од НАкС забележуваат и на тоа што според Законот за студентски стандард, на министерот за образование и наука му е дадено дискреционо право да решава кому и како ќе му доделува стипендии, наместо тоа да биде утврдено врз основа на закон и стратегија.

Анализата на НАкС содржи низа препораки, меѓу кои и материјата за добивање стипендии за студирање во странство да биде соодветно регулирана во Законот за високо образование во контекст на јасно изразениот интерес и дефинирани потреби за одреден вид кадри.

Се препорачуваат јасно раздвоени критериуми за доделување на стипендиите, а дискреционото право на министерот за доделување стипендии да биде сведено на минимум.

Во документот се нагласува и дека доделувањето на овие огромни средства за студирање во странство почнува во време кога не се доделуваат стипендии за постдипломски и докторски студии во МОН, кои почнаа да се реализираат во многу мал обем пред две години, но повторно беа укинати од МОН.

Од Независниот академски синдикат предлагаат да се укинат стипендиите за во странство, освен за дефицитарни кадри кои ќе бидат прецизно регулирани со правилник.