fbpx

ССК: Брзите измени на законите влеваат несигурност кај компаниите и граѓаните 

-

Брзите промени во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите, рече претседателот на Комората на сметководители Драган Митковски на денешната прес-конференција во Сојузот на стопански комори (ССК).

Според него, тие се пречка за водење на бизнисот и предизвикуваат несигурност со што го забавуваат растот на економијата, создаваат незадоволство кај граѓаните и директно влијаат на зголемување на сивата економија.

„Законите во даночната сфера се менуваат многу често и најчесто по брза постапка и без консултации со стопанството. Како примери би ги посочиле Закон за данок на личен доход, кој беше донесен и покрај нашето предупредување за штетните ефекти од неговата имплементација, за по една година подоцна неговата примена да биде одложена. Дополнително, од јануари стапуваат на сила измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, со кој придонесите растат за 0,5 проценти со што нивниот кумулативен раст од лани е еден отсто. Имајќи предвид дека ефективната даночна стапка со вклучени придонеси и данок на личен доход, е веќе 50 отсто на основа на нето платата која вработените ја земаат сметаме дека со ова се става преголем товар на и онака кревкото стопанство“, истакна Митковски.

Тој додаде дека брзото менување на законите води кон импровизирање, односно многу често се носи законско решение кое е неприменливо во пракса и за чија имплементација нема претходно изградена системска рамка.

Според членот на Управниот одбор на Комората на сметководители, Благоја Грозданов малите и средни фирми немаат на располагање тим на советници кои постојано ќе ги информира и ќе им помага во примената на новата регулатива.

„Оваа активност најчесто е оставена на сметководителите. Проблем со законите кои се менуваат често е и тоа што не се прецизни, па отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите. Брзото и често менување на законите покажува и дека не постои стратегија за тоа што се сака да се постигне и како да се дојде до тоа, туку одлуки се носат на дневно-политичка основа. Така, иако некои законски измени како онаа за зголемување на минималната плата, може навидум да изгледа дека е добра за одредена категорија на граѓани, сепак на долг рок како што и предупреди и ММФ во последниот извештај, нема да ја намали сиромаштијата, туку ќе ја зголеми сивата економија“, истакна Грозданов.

Комората на сметководители дополнително предупреди дека надлежните треба да ја имаат предвид новата глобална економска криза која се заканува во  САД, Европа, но и во нашето соседство. Актуелното забавување на светската и европска економија, би можело да доведе до рецесија што ќе значи силен економски удар особено за нефлексибилните и ригидни економии.

„Владата треба да го зголеми штедењето и да го намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз“, истакна Грозданов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...