Image by Steve Buissinne from Pixabay

Групата на сметководители и овластени сметководители утре со почеток од 12 часот ќе организираат протест пред владината зграда, на која ќе ги претстават проблемите со кои се соочуваат во нивното работење.

„Барањето на сметководителите за пролонгирање на роковите за доставување на даночните и финансиските извештаи доставено до Влада на РСМ на ден 18/01/2021 година (во прилог) е изгубено низ бирократските лавиринти, исто како и реалната потреба и предлози за нов Закон за вршење сметководствени работи изминативе три години“, велат тие.

Во нивното соопштение се наведува дека во земјава работат 10.000 сметководители, кои ја живеат ерата на легислативна хиперинфлација, со законските измени и постоечките одредби во услови на пандемија, коишто одредби во практицирањето ги извршуваат овластените сметководители.

Сметководителите тврдат дека сето ова се врши без некој да води сметка за притисокот кој го преживуваат за да одговорат на сите предизвици при имплементирањето на законските решенија.

„Наметнатите кратки рокови и недоречености во законските решенија, примена на истите на среден рок ќе се причинско последична врска за квалитетот на даночното односно финансиското известување, кое што известување е сигнификантно за даночната и економската политика на државата“, велат од Групата на сметководители и овластени сметководители.

Тие се надеваат дека во текот на утрешниот ден ќе бидат примени од владини претставници и од претставници на сите институции што се задолжени за измените согласно барањата на сметководителите.