fbpx

Во угостителството „висат“ 29.000 работни места, се бараат итни мерки од Владата

-

Малите и средните претпријатија кои имаат до 50 вработени, семејните компании и претприемачите се најпогодени со новата состојба предизвикана од Ковид-19. Субјектите чија главна дејност е угостителството, ставија клуч на врата, по уредбата на Владата за нивно затворање, а поради опасноста од ширење на вирусната инфекција.

„Здравјето на граѓаните е најважно, но не смее да се дозволи да пропадне оваа дејност и вработените да останат без никаков приход за преживување“, гласи пораката од денешната прес конференција на Туристичко угостителската комора, при Сојузот на стопански комори, на која се предложија мерки за ублажување на последиците.

Според Мартин Ангеловски од Групацијата за Угостителство, сите здруженија на угостители низ градовите во земјава се наоѓаат во иста позиција. Покрај заканата од корона вирусот, тие се борат за зачувување на работните места и се плашат од можноста овие мали претпријатија да не пропаднат целосно.

„Без помош, секој изминат ден е трошок кој веќе не можеме да си го дозволиме од сопствени извори. Овие субјекти се микро и мали, а поради Уредбата имаме нула приходи во дејноста и не можеме да ги покриеме трошоците. Повеќето од нас користат кредити од комерцијалните банки, за кои се уште нема одлука за мораториум како во другите држави. Сите се трудиме да бидеме дел од решението на проблемот, но со секој изминат ден реалноста укажува колку сме всушност финансиски немоќни да го издржиме овој период, до искоренување на Ковид 19. Би биле презадоволни ако за нашата дејност се најде начин и се донесат конкретни мерки кои ќе нѐ одржат во живот“, рече Ангеловски.

Тој додаде дека за таа цел се консултирале меѓусебно повеќе од 1.000 угостителски објекти од целата земја, од секторот кој вработува над 29.000 луѓе, ако се вклучи и бројот на нивните потесни семејства.

„Тоа е сериозна бројка што не сме во можност да ја издржиме, без адекватни мерки на Владата и на банките. Се надеваме дека оваа пандемична криза нема економски да ја загрози егзистенцијата на вработените“, изјави тој, и посочи дека, целта на поддршката од државата, не би била да се спасат изгубените добивки, туку да се успее да се преживее оваа агонија на неизвесност и на штети од пандемијата, која секој ден се повеќе врши притисок да се затворат угостителските субјекти и сите да останат без работа.

Предлог мерките на угостителите се: субвенционирање на минимална бруто плата за вработените, во периодот додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните 6 месеци, замрзнување и репрограм на обврски по кредити и камати како и други доспеани обврски кон банките до завршување на кризата и да профункционира итно и без одложување отворањето на кредитните линии со субвенционирана камата. Исто така, се предлага да не се применува Законот за финансиска дисциплина во наредните 3-5 месеци, да има одложено плаќање на сите режиски трошоци до завршување на пандемијата, да не се исклучуваат објектите поради неплаќање вода, струја и други услуги, да не се наплаќа персонален данок и ДДВ за кириите.

Од Туристичко угосителската комора велат дека последиците не се само здравствени и економски, туку дека постои и огромен психолошки товар врз вработените кои не знаат дали и кога ќе се вратат на работа.

Според Комората, предложените мерки од Владата моментално не ги решаваат проблемите и нема да помогнат за надминување на финансиските проблеми, туку дополнително ќе има задолжувања. „Веќе 10 дена се најавуваат мерки, но нема ништо конкретно. Не знаеме каде да се јавиме, ни како да поднесеме апликации за помош. Пакетот мерки ќе стапи во сила од април, а ние повеќе од половина месец немаме никакви приходи. Моментално имаме проблем со платата за март, а не знаеме како надлежните ќе најдат пари за плаќање на придонесите за април и за мај. Подготвени сме да помогнеме во рамки на нашите можности, имаме залихи на храна, може да обезбедиме оброци за лицата кои се во изолација, за полициските пунктови и секаде каде ќе има потреба“, рече Ангеловски. Тој додаде дека, на угостителите треба надлежните да им кажат каква помош се предвидува за нив, за да може вработените кои ќе бидат одјавени и кои ќе останат без работа заклучно со 31 март, да аплицираат навреме за други мерки за помош, за да не останат без никаков приход. Оние угостители што ќе опстојат, после кризата, кога ќе се создадат услови за рестартирање, најавуваат дека ќе ги вратат на работните места истите работници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...