Спор меѓу ЈСП и МОН: Нетактичност и политички препукувања на штета на студентите и учениците

Фото: Мета.мк

Кој е виновен за (не)субвенционирањето на бесплатниот превоз за студентите и учениците во Скопје? Ова прашање се поставува среде недоразбирањата меѓу Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП – Скопје) и Владата на Република Северна Македонија, со кои ненадејно се доведе во прашање и бесплатниот јавен превоз во главниот град за студентите на државните универзитети што досега непрекинато функционираше од воведувањето во 2016 година.

Доколку се направи анализа на изјавите, соопштенијата и ветувањата од изминатава година, може да се заклучи дека актуелните препирки околу бесплатниот ученички и студентски превоз, не се ништо друго освен партиски препукувања, резултат на несоодветното планирање и недостатокот на комуникација и координација меѓу централните и локалните институции, што на крај им штети и ги вознемирува младите.

Непредвидени средства и спорни долгови

Проблемот со субвенционирањето на јавниот превоз во Скопје за студентите во јавноста не се спомена ниту еднаш изминатава година сѐ до пред три дена, кога на протестот пред Владата, секретарот на ЈСП – Скопје, Зоран Гаврилов, обвини дека Министерството за образование и наука (МОН) му должи на претпријатието два милиони евра за бесплатниот превоз на студентите и учениците. Тој тврди дека долгот е направен врз основа на владина одлука за вршење субвенциониран линиски превоз за студенти и ученици, но посочи дека нова одлука за субвенциониран превоз не била донесена за 2022 година. Сепак, и покрај непостоењето на ваква одлука, ЈСП – Скопје самостојно решило да продолжи бесплатно да ги вози студентите и учениците.

„Од МОН нема донесено нова одлука со која ќе се покрие субвенционирањето на превозот на студентите и учениците во периодот 2022/23. И покрај тоа, ЈСП излегува во пресрет и ја остварува оваа функција“, рече Глигоров.

Спротивно од тврдењата на секретарот на ЈСП, Министерството за образование и наука (МОН) вели дека нема никакви долгови кон ова претпријатие. Како што соопштија од МОН, тие своите обврски ги исплаќале редовно според „регулирани законски надлежности или склучени договори“, што не било случај со ЈСП – Скопје годинава.

„Законот за високото образование (член 27 став 6) уредува дека Владата на Република Северна Македонија може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, оваа календарска година, не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021-2022, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје“, стои во соопштението на МОН.

Меѓутоа, нејасна е одлуката на Министерството, после шест години доделување државни средства да „крене раце“ и да не предвиди бесплатен превоз поради тоа што, наводно, студентите не посетувале настава со физичко присуство на УКИМ. Од овој универзитет уште во август минатата година, пред почетокот на академската 2021/2022, соопштија дека наставата во зимскиот семестар ќе започне со комбиниран пристап од онлајн и настава со физичко присуство. Така, предавањата за дел од студентите се одвиваа на факултетите, а уште поголем беше бројот на студенти чии испити се одржуваа во предавални и амфитеатри. Покрај тоа, и државните студентски домови беа полни со студенти, што немаше да биде случај ако немало настава со физичко присуство.

Во текот на летниот семестар, пак, бројот на факултети што одржуваа настава во своите простории дополнително се зголеми. Оттука, неоправдана е причината да не се предвиди бесплатен превоз за календарската 2022 година поради отсуството на предавања во живо.

Со чии средства се возеле студентите бесплатно досега?

И покрај тоа што Министерството за образование не планирало да го субвенционира превозот за студентите во главниот град, ЈСП – Скопје решава да ги повика студентите да аплицираат за бесплатен јавен превоз. На 23 септември минатата година, јавното претпријатие ги известува сите редовни студенти на државните факултети дека имаат право на користење на студентски годишен билет за бесплатен јавен превоз. Во истото соопштение ЈСП ја објаснува процедурата за тоа како повозрасните студенти да ја продолжат важноста на билетите и за 2022 година, годината за која МОН не предвидело субвенции.

До неодамна, скопското сообраќајно претпријатие ниту еднаш јавно не предупреди дека некој му должи средства за субвенционирање на бесплатниот студентски и средношколски превоз.

Во друго соопштение на ЈСП – Скопје, објавено на 23 март годинава, тогашниот в.д. директор, Иван Илиевски, најавувајќи го воведувањето на бесплатен превоз за возрасни лица, потсети дека бесплатно се возат и студентите и учениците. Субвенциите за оваа намена, рече тогаш Илиевски, се обезбедени од Буџетот на Град Скопје.

„Воведувањето на бесплатниот превоз за возрасни лица е во согласност со одлуката на Советот на Град Скопје за дотации или давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие и средствата за оваа намена се обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Морам да напоменам дека освен што се ослободуваат возрасните лица во посочените денови од трошоци за автобуски превоз, бесплатен превоз веќе имаат и учениците средношколци во средните училишта чијшто основач е Град Скопје, редовните студенти на додипломски студии на државните универзитети во Скопје, како и лицата со попреченост“, изјави тогаш Илиевски.

Илиевски тогаш рече дека наследената тешка финансиска состојба на претпријатието „нема да биде причина за евентуални проблеми при реализација на ветените проекти на Град Скопје кои се однесуваат на јавниот превоз и неговите корисници“.

Но, три месеци подоцна, градот сфаќа дека градското сообраќајно претпријатие работи отежнато и дека сепак зголемувањето на цената на горивата „резултира со неможност за исплаќање на тековните финансиски обврски“. Тогаш Град Скопје до Советот на градот предлага зголемување на субвенциите за претпријатието, меѓу другото, за да може да го покрие и бесплатниот студентски превоз.

„Согласно на доставено барање за зголемување на средства за субвенции на ЈСП „Скопје“ – Скопје за 2022 година, Советот на Град Скопје, со Изменувањето и дополнувањето на Буџетот на Град Скопје за 2022 година, ги зголеми ставките потешкотии во работењето и обезбедување на карти за возрасни лица и студенти- бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети, кои беа претходно утврдени во Одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје – Скопје за 2022 година“, стои во предлог-одлуката поднесена до Советот на Град Скопје на 30 јуни и која подоцна, на 11 јули, била усвоена.

Иако на почетокот на 2022 година на јавното претпријатие му беа исплатени субвенции во висина од 5,6 милиони евра, согласно одлуката од 11 јули, ставката за спроведување на мерката бесплатен автобуски превоз за пензионери и студенти од 40 милиони денари се зголемила на 100 милиони денари, а ставката за потешкотии во работењето на претпријатието од почетните 250 милиони денари се зголемила на 370 милиони денари.

Ова значи дека Град Скопје сепак одвоил свои буџетски средства за бесплатен превоз на студентите, а неколку месеци подоцна решава истите средства да ги бара од државата, претставувајќи ги како долг на Министерството за образование и наука.

Јавниот превоз во главниот град сега функционира нормално, откако два дена автобусите на ЈСП Скопје во одредени периоди не вршеа превоз поради штрајк на вработените за неисплатени плати за септември. Јавното претпријатие и Град Скопје, пак, протестираа пред Владата, заради, како што велеа, неисплатениот долг кон претпријатието.

Советот на Град Скопје завчера пренамени околу 2 милиони евра за субвенционирање на ЈСП, а Градот исто толку средства бара од централната власт.

Градот Скопје со години наназад го субвенционира работењето на ЈСП-Скопје. Едно од главните ветувања на актуелната градоначалничка Данела Арсовска пред локалните избори минатата година беше воведување на бесплатен јавен превоз за сите, што досега не е исполнето.