Секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров најави протест пред Владата утре точно на пладне ако не се исплатат 2 милиони евра за бесплатниот превоз на учениците и студентите. Ваквата најава дојде откако ЈСП Скопје вчера се закани дека ќе го прекине автобускиот јавен превоз во главниот град ако до утре не им се исплати заостанатата плата за септември.
Како што рече на денешната прес-конференција пред владата секретарот Глигоров, Министерството за образование и наука, има долг кон ЈСП од 120 милиони денари или околу два милиони евра за бесплатниот превоз на ученици и студентите.
„Дополнително, неколку скопски општини му должат на претпријатието околу 40 милиони денари“, истакна Глигоров не прецизирајќи за кои општини станува збор и за што точно должат.
Со години наназад град Скопје на ЈСП му дава субвенции преку градскиот буџет. Едно од главните ветувања на актуелната градоначалничка Данела Арсовска беше воведување на бесплатен јавен превоз за сите, што досега не е исполнето.
Во август годинава, Градот Скопје под раководство на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, со ребалансот на буџетот, одби заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој за иградба на системот на брз автобуски транспорт (БРТ).
Возачите ја чекаат платата најдоцна до утре, ЈСП и понатаму се надева на Владата