Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите на Македонија ја прогласила за основана жалбата поднесена од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ против телевизија „Нова“ за дебатната емисија „Отворено студио“. Станува збор за дебатната емисија со наслов „За или против геј бракови“, која се емитуваше на 17 јули 2017 година.

Во својата одлука, Комисијата за жалби најпрво утврдува дека „водителот на емисијата неколкупати наметнува сугестивно мислење во однос на темата, кое во себе содржи елементи што можат да поттикнат дискриминација по различна основа (во случајот, сексуална)“. Со тоа, Комисијата утврдила дека се прекршени членовите 1, 10, 11 и 13 од Кодексот на новинарите. Покрај тоа, Комисијата утврдила дека водителката на дебатата, своите мислења ги камуфлирала како факти, со што водела кон дезинформирање и манипулација со публиката.

„Во емисијата за која станува збор, водителката во ниту еден момент не се обиде да реагира на исказите на говорниците. Наместо тоа, таа дополнително помага во засилувањето на стереотипите кон хомосексуалците во текот на емисијата, бидејќи ги поврзува хомосексуалните бракови со „разорувањето на македонското семејство“. Дополнително, на дебатата немаше претставници од ЛГБТИ-заедницата, кои би го кажале својот став за темата“, се вели во образложението.

Од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ додаваат дека преку оваа емисија, медиумот фаворизирал ставови кои содржат говор на омраза против лицата со хомосексуална ориентација и ги стигматизирал нехетеросексуалците преку изјави кои имаат цел да создадат ирационален страв од ЛГБТИ-лицата и да поттикнат вербално и физичко насилство кон нив.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.