Состојбата со насилството на младите е нестабилна – завршна конференција на проектот „Младите против насилство“

Повеќе од 70 отсто од испитаниците го делат ставот дека најчест тип насилство кај младите е врсничкото насилство, а речиси 60 отсто од нив сметаат дека тоа е меѓуетничкото насилство, покажуваат резултатите од спроведеното истражување за „Состојбата со насилство на младите во С. Македонија“

Фото: Млади против насилство

Повеќе од 70 отсто од испитаниците го делат ставот дека најчест тип насилство кај младите е врсничкото насилство, а речиси 60 отсто од нив сметаат дека тоа е меѓуетничкото насилство.

Ова го покажуваат резултатите од спроведеното истражување за „Состојбата со насилство на младите во С. Македонија“.

Истражувањето е направено во рамки на проектот „Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација“ (Младите против насилство)“. Креирана е Платформа на граѓански организации кои работат на полето млади и разните видови насилство, а донесен е и Стратешки план за работа за периодот 2024 – 2025 година.

Целта на направеното истражување било да се испита перцепцијата на младите, на граѓанските организации, младинските работници и експертите за состојбата со младите и различните форми на насилство.

„Овие резултати укажуваат на фактот дека состојбата со насилство кај младите, нивната радикализација која може да води до насилен екстремизам и тероризам, е нестабилна“, велат од Платформата и додаваат:

„Младите против насилство” е прва и единствена од ваков вид во Македонија. Платформата досега има 32 членки – граѓански организации (национално ниво). Потпишани се и меморандуми за соработка со многу јавни институции како што се Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Агенцијата за млади и спорт, повеќе општини и средни училишта на територија на Македонија. Исто така, наскоро почнуваме да се шириме во регионот и заеднички, преку размена на искуства да работиме на спречување на насилство кај младите и подобрување на нивната безбедност“, вели Кристина Сибиновска, проектен директор на проектот ,,Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“.

„Како Платформа изработивме двегодишен Стратешки план, кој го адресира насилството меѓу младите, како што се врсничко насилство, онлајн насилството, насилството на спортски терени, на јавни места, насилство поттикнато од разни видови нетолеранција и други форми на насилство“, рече Афродита Муслиу, извршен директор на Нексус и потпретседавач на Управниот одбор на Платформата.

„Не е лесно да си млад човек денес. Моето искуство за работа со трите групи во рамките на проектот покажа дека младите не се проблемот. Пристапот кон нив е проблем. Ако кон нив се пристапи со верба, почит, методи и техники со кои ќе се креира дијалог, тогаш ќе се случи промена и вистинска едукација. Со правилен пристап, младите ќе станат активни, вклучени, отворени и со желба за примена на наученото. Пристапот е клучен. Денес авторитетен пристап не поминува. Младите ќе се повлечат, но ќе го задржат гневот во себе и тоа ќе избие на друга страна. Затоа со драго срце се вклучив во работилниците и уживав во процесот. Се што видов во работилниците е дека со правилен пристап и поврзување со младите ќе се создаде одлично поместување и младите не само што ќе го применуваат, туку и ќе го шират знаењето кај своите врсници“, рече Лазар Ѓуров, тренер за спроведување три меѓуопштински организации во рамки на овој проект.

Според Златко Апостолоски, национален координатор во Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, „сме општество влезено во колективна апатија кое создава специфични вредности, пример како да дојдеме до повеќе пари без да се потрудиме за тоа. Проблем е што младите во системот на образование, функционираат во паралелни светови – во една смена одат ученици од една националност, во друга смена од друга националност, но во еден момент треба да живеат заедно“.

Конференцијата се спроведува во рамки на проектот “Платформа за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“, од Иницијатива за европска перспектива – ИЕП како координатор, во партнерство со Нексус – Граѓански концепт од Скопје, Здружението за развој и активизам – Аква од Струга, Центар за интеркултурен дијалог – ЦИД од Куманово и Градење на заедницата Митровица од Косово. Проектот е финансиран од Европска унија и траеше 36 месеци.